К-15 сега е 10.700 денари, ама некои фирми годинава може да се ослободат од исплата

Според последните пресметки К-15 изнесува 10.700 денари, а треба да се исплати до крајот на годинава. Но, претседателот на ОРМ Ангел Димитров најавува дека со измени на колективниот договор кои ги договараат заедно со ССМ ќе се предвидат мерливи критериуми со кои некои фирми само годинава нема да го исплатат регресот

1512

Најниската сума што компаниите оваа година треба да им ја исплатата на своите вработени како регрес за годишен одмор се искачи на 10.700 денари. Растот на К-15 го предизвика зголемувањето на просечната нето плата во државата и покрај кризата предизвикана од ковид-19.

Оваа сума според Колективниот договор за стопанството од приватниот сектор на сметките на работниците кои во иста компанија работеле најмалку шест месеци во текот на оваа календарска година треба да легне најдоцна до 31 декември. Фирмите кои нема да го исплатат регресот ризикуваат да бидат казнети.

Но, како што најавува претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, некои наскоро може да бидат ослободени од овој финансиски товар. Тој информира дека во тек се преговори со Сојузот на синдикатите на Македонија за измени на Колективниот договор со кои само за оваа година, поради кризата предизвикана од пандемијата, би им се дозволило на некои фирми воопшто да не го исплатат регресот.

-Ние сме во преговори со ССМ за одредени допрецизирања на Општиот колективен договор со решенија само за оваа 2020 година да може да не се исплати К-15. Треба да утврдиме критериуми за тоа, но тие треба да бидат мерливи. Следната недела имаме состанок со ССМ за тоа, па ќе видиме, вели Димитров.

Тој очекува дека синдикалците ќе имаат слух за ова ситуација, зашто знаат дека има фирми кои не можеа да исплатат ниту плата.

Откако пред една недела ги обесхрабри работниците со изјавата дека фирмите кои нема да остварат добивка годинава нема да имаат обврска да исплатат К-15, премиерот Зоран Заев вчера апелираше до компаниите што имаат можност, па дури и оние што покажуваат загуба, да исплатат регрес за годишен одмор.

-Ние сме Влада за работниците и уште еднаш апелираме секоја компанија која има можност, дури и оние што покажуваат загуба да исплатат регрес за годишен одмор односно познатото К-15 заради тоа што дефинитивно работниците се трајното добро и за компаниите, но и за државата. Уште еднаш Законот и самите колективни договори регулираат дека кога компаниите покажуваат загуба тогаш нивната задолжителност паѓа, но имаме компании што оваа година ќе покажат загуба, но и имаат добра акумулирана добивка од претходните години или знаат дека веднаш загубата од 2020 има сериозен потенцијал да биде покриена во 2021 година, појасни Заев.

Работниците, како што рече, се најважниот капитал и во компаниите и во државата и верува дека водењето грижа за повисоки примања на работниците ја зголемува потрошувачката моќ и за самите производи или услуги на компаниите.
Додаде дека затоа и Владата развила цела лепеза на мерки како да ја зајакне приватната потрошувачка, да пушти повеќе пари не само преку платежните картички што ги дава, туку и преку помагање на компаниите заради платите и стабилноста на платите.

Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, остана на ставот дека регресот мора да се исплати затоа што тоа е обврска која работодавците сами си ја презеле со Општиот колективен договор.

– Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор. Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле, изјави во интервју за весникот ВЕЧЕР претседателот на ССМ Дарко Димовски.

И додека збунети од сите овие информации добар дел од работниците во приватниот сектор не знаат дали до Нова година на сметките ќе им легне нешто повеќе од гола плата, вработените во државните фирми одамна се офајдија. Вработените во ЕСМ уште во јуни добија К-15 од 26.422 денари. Оттаму информираа дека регрес исплатиле и други државни јавни претпријатија и акционерски друштва.

(С.В.)