Кусо траеше подарената слобода за контроверзниот осуденик

Претседателката го помилува, полицијата го уапси!

435

Равмановски, кому затворската казна му беше заменета со условна осуда, е уапсен за пукањето во скопски Чаир, минатата недела, кој според полициската пријава со пиштол целел кон 35-годишниот скопјанец, со умисла да го убие, а куршумот завршил во неговата нога. Дека пукал, полицијата утврдила по трагите од барут. „Веднаш по пристигнување на вештиот наод, донесена е Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението од Обвинителство

Помилуваниот осуденик, арачиновецот Акиф Равмановски, од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, само што излезе од затвор е уапсен од полицијата, за ново кривично дело-убиство, соопштија од Основното јавно обвинителство. Равмановски на кому затворската казна му беше заменета со условна осуда е уапсен за пукањето во скопски Чаир, минатата недела, кој според полициската пријава со пиштол целел кон 35-годишениот скопјанец, со умисла да го убие, а куршумот завршил во неговата нога. Дека пукал, полицијата утврдила по трагите од барут.

„Веднаш по пристигнување на вештиот наод, донесена е Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението од Обвинителство.

Равмановски, кој е познат како припадник на скопскиот клан Барон, на денот на пукањето, бил работно ангажиран надвор од затворот „Идризово“, а откако се вратил, полицијата му зела парафински ракавици во рамките на истрагата за нападот.

Случајот со помилуваниот Равмановски е само еден од личностите, кои беше помилуван од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод празникот 23 Октомври, а кои предизвикаа серија реакции во јавноста.  Претседателката Сиљановска-Давкова за помилуваните членови на криминални групи, кои се пресметуваат на скопските улици, рече дека се интересни личности во негативна смисла. Но додаде дека кога ги потпишувала одлуките, се водела од тежината на кривичните дела и дека верува во одлуките на членовите на Комисијата за помилување. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова помилуваше десетмина осуденици, од кои на тројца извршувањето на затворската казна им се заменува со условна, додека на другите седуммина со одлуката им се скратува времетраењето на казната. Нејзината одлука е објавена во „Службен весник“ на 22 октомври, каде што не се наведени информациите за кривичните дела.

Меѓу помилуваните има и лица што беа осудени во познати случаи на јавноста. Освен Акиф Равмановски од Арачиново,, со условна осуда, помилувани беа неговиот соселанец Шенол Маслиани и Никола Трпчески од Охрид. Делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица: Мухарем Али од Скопје, во траење од два месеца; Тодор Попов од селото Миравци и Томислав Симеонов од Скопје, во траење од три месеци; Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од селото Богородица, во траење од три месеци; делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“. Меѓу помилуваните со една година помалку е и ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“, поведен од поранешното СЈО, кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.

Членот на комисијата за помилување, универзитетскиот професор Гордан Калајџиев изјави дека сите молби за помилување на осудени лица се поминати низ три филтри, односно списокот со предлогот за помилување го проверуваат затворската управа, Министерството за правда и од Комисијата на претседателката. Тоа се случаи каде што, објаснува Калајџиев, има помилување или намалување на казната, а благите затворски казни се променети со условни.

„Нам ни се доставува судско досие, извештај од затворска управа и предлог од Министерството за правда и доколку има потреба, лекарско мислење. Дел од помилуваните се поради длабока старост, тешка болест или семејни причини“, вели Калајџиев и смета дека помилувањата се даваат малку и кратко, а условите во затворите се лоши и треба  повеќе да се доделуваат помилувања, условни отпусти, па и амнестија како компензација и како утеха, изјави за медиумите Калајџиев.

За помилувањата одлучуваат две комисии, една во Правда а друга кај Претседателот. Според Законот за помилување, пред двете комисии и во Правда и кај претседателот, членовите во молбата имаат податоци за осуденото лице, кривичното дело и казната, како и мислење за однесувањето на осуденикот, стручна оценка за личните својства и проценката за склоност за повторување на делото.

Помилувањата беа искористени и за партиски реакции. СДСМ се јави со ново обвинување адресирано до Министерството за правда и до претседателката за помилувањата на припадниците на криминалното подземје. Прашуваат дали од Правда е дадено позитивно мислење за помилувањата на криминалци и наркобосови.

„Министерот за правда должи одговор пред граѓаните. Зошто молчи, додека скандалот се разгорува? Дали тој лично се согласил со ослободувањето на луѓе што ја загрозуваат безбедноста на Македонија?“, праша на прес-конференција Богданка Кузеска.(П.А.)