Курти по телефонските разговори со Борел и Столтенберг: Дијалогот е единственото решение

560

Косовскиот премиер Албин Курти објави дека, во врска со настанатата криза во односите меѓу Косово и Србија, синоќа разговарал со високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија, Хосеп Борел и со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јави дописникот на МИА од Приштина.

По разговорот со Борел и Столтенберг, Курти преку својата страница на Твитер порача дека „дијалогот е единствениот пат за изнаоѓање решение“ за споровите меѓу Косово и Србија.

– Имав телефонски разговор со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Хосеп Борел и со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Дискутиравме за владеењето на правото, за мирот и безбедноста, како и за потребата од деескалација на ситуацијата во северно Косово. Дијалогот е единствениот пат за изнаоѓање решение, напиша Курти.

Кризата во односите меѓу Приштина и Белград настана откако косовската влада на 20 септември почна да ја спроведува одлуката за задолжително опремување со времени регистерски таблички на возилата кои влегуваат од Србија преку косовските гранични премини. Со ова Приштина воведе реципроцитет кон истите мерки кои Белград од пред десетина години ги спроведува за возилата кои влегуваат од Косово во Србија.

Граѓаните од српска националност во северно Косово се спротивставија на таа мерка и во знак на протест ги блокираа граничните премини Јариње и Брњак меѓу двете земји, а блокадата продолжува и натаму. Косовските власти упатија специјални полициски единици за обезбедување на граничните премини, а Србија одговори со испраќање оклопни возила и со надлетување со воени летала на пограничната област.

Официјален Брисел и другите меѓународни фактори, како и западните дипломати во Косово и Србија, повеќе пати ги повикаа Приштина и Белград да ги смират тензиите и да ги продолжат преговорите за изнаоѓање трајно решение за споровите меѓу двете држави.