Курти доаѓа за да се расчисти инцидентот, Обвинителство отвори истрага: Можела ли косовската претседателка со чантата в раце да го одмине скенерот на скопскиот аеродром?

625

Инцидентот ќе биде тема на разговор и на денешната средба на косовскиот премиер, Албин Курти, кој, според приштинскиот портал „Газета експрес“, ќе допатува во Скопје, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Неименувани извори на порталот, како што велат од владејачките структури во Скопје, дека на средбата на двајцата премиери ќе присуствуваат и членови на македонската Влада од редовите на коалицијата „Вреди“. Што се случило навистина, дали се работи за недоразбирање или обид за избегнување на безбедносните процедури, треба да покаже истрагата, која ја спроведува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, чие специјализирано одделение за истраги на полициски службеници е надлежно за полицајците

Празничниот викенд помина во знакот на инцидентот што се случил во четвртокот, на Скопскиот аеродром, во кој учествувале полициското обезбедување на собранискиот спикер, Африм Гаши, и полицајци и вработени на Скопскиот аеродром, откако биле применети аеродромските безбедносни процедури врз косовската претседателка, Вјоса Османи. Од аеродромскиот концесионер ТАВ соопштија дека сите безбедносни процедури се применети согласно со меѓународните протоколи, според кои телефонот и чантата на косовската претседателка морале да бидат проверени во текот на конкретниот ненајавен, како државнички престој на Османи, на аеродромот.

Што се случило навистина, треба да покаже истрагата, која ја спроведува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, чие специјализирано одделение за истраги на полициски службеници е надлежно за полицајците.

– Примено е известувањето, се работи на случајот – велат од Обвинителството, не откривајќи детали за настанот за кој Приштина бара извинување од Скопје. Имено, македонските власти добија протесна нота за брзо расчистување на инцидентот, кој се случил на Скопскиот аеродром. Меѓу другото, бараат и да не се повторуваат ваквите настани во иднина.

Од Кабинетот на претседателката на Косово, веднаш по инцидентот, упатија сериозни обвинувања кон ТАВ Македонија, а наводниот напад кон претседателката го сметаат како напад кон Косово. Оттаму велат дека однесувањето на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која шефовите на држави, кога патуваат, се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.

Инцидентот ќе биде тема на разговор и на денешната средба на косовскиот премиер, Албин Курти, кој според приштинскиот портал „Газета експрес“ ќе допатува во Скопје, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Неименувани извори на порталот, како што велат од владејачките структури во Скопје, дека на средбата на двајцата премиери ќе присуствуваат и членови на македонската Влада од редовите на коалицијата „Вреди“.

Како што пренесува МИА, во косовската делегација, која ќе го придружува Курти во текот на престојот во Скопје, ќе биде и вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала.

Партиите од опозицијата ја напаѓаат власта и бараат одговорност. СДСМ дури тврди дека ги знае сите информации и ќе ја набљудува истрагата за да не земе погрешен тек. Вчера, преку соопштение, тврдат дека членот на обезбедувањето на Гаши тешко ги прекршил своите овластувања, за што треба да биде прво итно суспендиран, а понатаму и кривично гонет.

– Ги повикуваме Тошковски и Мицкоски да се „одважат“ и во следните 24 часа да постапат согласно со наодите. Во спротивно, во целост ќе го објавиме случајот. Повеќе од јасно е дека се обидуваат да ги скријат фактите и да го заштитат обезбедувачот на Гаши. Ова е недозволиво и спротивно на сите ветувања на Мицкоски во предизборието, во кои ветуваше неселективно спроведување на законите – стои во соопштението на СДСМ.

ДУИ, пак, бара одговорност од своите ривали од Вреди, поради инцидентот и поради нарушената чест на косовската претседателка.

– Дивото и недозволиво однесување на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието по налог на Африм Гаши, како и институционалното незнаење на Астрит Исен, кој не ни бил информиран за скандалот, е неприфатливо. Овој скандал мора да се расчисти до крај и веднаш да сносат политичка одговорност нелегитимните узурпатори на институциите, Астрит Исени од МВР и Африм Гаши од Собранието – соопштија од ДУИ.

Собранискиот претседател рече дека треба да одговара секој што евентуално ги пречекорил своите овластувања.

– Моето обезбедување отишло да се смири ситуацијата и ако некој сака да смири нешто и ако некој сака да гледа од ова тенденција да направи инцидент, тоа е до тие луѓе – вели Гаши.

Гаши не кажа дека лице од неговото обезбедување направило инцидент на аеродромот, наспроти она што го соопшти МВР.