Купена и таксана да биде хотел, зградата на „Технометал Вардар“ сè уште е „гулабарник“

514

Просторот во и околу зградата на „Технометал Вардар“, некогашниот симбол на македонскиот извоз, е целосно запуштен. Стаклата на влезната врата во зградата, со површина од над 7 илјади квадратни метри, во срцето на Скопје, на улица „Македонија“, се искршени и најчесто во вечерните часови се собираат групи кои потоа зад себе оставаат ѓубре.

Плочникот надвор не се гледа од птичји измет, се шири непријатна миризба, има обраснато трева и искршено стакло. Не е препорачливо навечер тука да се поминува бидејќи нема светло, иако на зградата на „Технометал Вардар“ сосед ѝ е „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека чистачи од „Комунална хигиена“ не поминале со месеци.

Зградата е изградена во 1980 година. Во неа беше дирекцијата на „Технометал Вардар“ – водечка фирма во поранешна Југославија во трговијата со челик, мермер, обоени метали и неметали, опрема, машини и друго. Но, нејзината судбина не е ништо поразлична од онаа на многу некогашни гиганти, кои во транзицијата преку ноќ станаа „голубарници“. Во изминатите години по транзицијата, просторот во зградата најчесто се издаваше на разно-разни фирми.

Во 2019 година беше отворена стечајна постапка. Поради обврски кон Комерцијална банка, зградата беше одземена. Потоа банката даде одобрение за продажба на илјадници квадратни метри деловен простор, по што, во јануари годинава објектот беше купен од „Буши фешн“, компанијата која го поседува и хотелот-спа „Буши“ во Старата скопска чаршија.

Од новиот сопственик тогаш беше речено дека идејата им е зградата во строгиот центар на Скопје да го направат хотел. Вработени во „Буши фешн“ ни рекоа дека газдите ги знаат плановите, не сакајќи да споделат повеќе детали.

(С.Бл.) – Фото: Н.Батев