Култната „Меморија“ има нова, патриотска песна – „Мој народе“, Ристо Самарџиев е автор на музиката

13

Пред скопскиот концерт! Рефренот на песната многу наликува на „патриотска, стадионска химна“, која се пее од срце и со полна душа, со високо кренати раце, дланка во дланка, од илјадници грла и во еден глас

 Пред големиот скопски концерт што го најавува за 16 ноември, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, како место каде што ќе бидат повторно концертно отсвирени нејзините најголеми досегашни хитови во живо, но и промовирани новите песни, групата „Меморија“ го издаде третиот сингл. Тоа е дел од материјалот што ќе го комплетира албумот, кој е сè уште во најава.

Новите песни се пласираат во медиумите и во етерот една по една. По рок-баладата „За тебе“ и рокенрол рефрените со патриотска тематика, што се појави под името „Македонски бисери“, момците имаат ново музичко дело, главно со патриотска содржина, насловено „Мој народе“. Песната ги има вткаено во себе националното чувство, чувството за припадност на еден народ, желбата да се биде свој, а, сепак, дел од современиот свет.

Притоа да не се заборават минатото и крваво стекнатата слобода, а со љубов и песна да се гради иднината. И сето тоа спакувано во стихови и музика која се одликува со рефрен што многу наликува на „патриотска, стадионска химна“, која се пее од срце и со полна душа, со високо кренати раце, дланка во дланка, од илјадници грла и во еден глас. За тебе, за мене, за сите нас… мој народе!

Музиката и текстот на песната се на Ристо Самарџиев, а е снимена во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој, заедно со Давор Јордановски, е и нејзин продуцент. Извршен продуцент е Петар Георгиевски-Камиказа, а „Мој народе“ засега ја има само во аудиоверзија. Спотот допрва ќе се снима. Што побрзо, тоа подобро, за сите нас.