Македонската фолк-легенда повторно ја освои публиката! Кога пред некоја година како новинар(и) од редакцијата на ВЕЧЕР гласно кажавме, но секако дека тоа го и напишавме „слушајте го Круме Спасовски, нашата жива музичка легенда, бидејќи нема да се покаете“, бевме стопроцентно во право. Тоа и сега се докажува на дело. Македонската фолк-ѕвезда, која на естрадата опстојува повеќе од 50 години, тамам толку доволно да создаде голем број хитови, од кои најпознатиот „Чудна жена беше Вера“, деновиве промовираше пред голем број свои пријатели, колеги, роднини, обожаватели и секако новинари, две нови убави песни кои се подзасилени и со две мајсторски одработени видеоприказни.
–
Станува збор за песните „Фурнаџија“, која е дело на Мендо Ташкоски, задолжен за музика и аранжман, а текстот е на Јонче Ангелевски. Свој придонес за идниот потенцијален домашен фолк-хит имаат Гоце Димовски на саксафон и кларинет, но и самиот Мендо Ташкоски на хармоника. Песната го има оној народен етно-звук кој ги става на пиедестал македонските занаети што се пренесуваат од колено на колено. Во овој случај, љубовта и топлината кон пекарството, преку кое низ светот се познати секогаш вредните Македонци. Спотот е снимен на различни локации (автентично најмногу во пекарницата „Кисми“), а дело е на: Mtm-studio од Прилеп, во продукција на Рали и во режија на Владо Дојчиноски.
Промоцијата на втората песна „Љубанци село наше“, која Круме ја пее на оној начин како што можат да пеат само врвните пејачи на народната македонска музика е посветена токму на богатото село Љубанци, кое се наоѓа на падините на Скопската Црна Гора. Текстот, всушност, зборува и за новоизградениот манастир Свети Јован Крстител во селото, дело на Илија Павличковски. Овој величествен верски проект ја отсликува македонската православна вера, ја раскажува народната традиција, но над сè и заедничката љубов кон македонските духовни вредности.
–
Манастирот претставува место за молитва, мирот во душата и нераскинливо заедништво за самите верници. Затоа величествената премиера на спотот за песната и се случи во манастирскиот комплекс. Музиката и аранжманот се, пак, делото на Мендо Ташкоски, додека овој пат текстот е на познатиот текстописец Огнен Неделковски. Впечатлив дел со кавалот во песната го има Гоце Димовски, а со тамбурата Мендо Ташкоски. И овој спот, а за оваа песна, пак е во режија на маестро Дојчиноски.
Дали поради сето ова треба да го повториме тоа што со причина толку пати го кажавме за сè она што Круме го создава во музиката? Ќе повториме, за секој случај: човек да се наежи! Навистина! И не само од се сработеното со песните и со спотовите, туку и поради одличната организација која на Круме очигледно му оди „од прва рака“.
–
Грижлив како домаќин и славеник, токму така домаќински ги угости сите кои му дојдоа на промоциите. А, луѓето, потоа заминувајќи длабоко во ноќта, со се нас новинарите, беа преполни со најдобрите впечатоци.
Особено од манастирскиот комплекс Свети Јован Крстител од кој по пат во ноќта опојно мирисаа на доцната есен и падините на Скопската Црна Гора. Затоа и нема причина да бидеме скромни во искрените зборови: чест ни беше што бевме поканети и како весникот ВЕЧЕР да бидеме дел од овие значајни музички настани (едниот од нив го водеше добро познатата и харизматична Каролина Петковска од Македонската телевизија). Беа тоа промоции за паметење кои мајсторски ни ги приреди нашата жива и сè уште распеана фолк-легенда – Круме Спасовски. –Во приватниот живот Круме е исто така успешен човек. Плод на долгата љубов со саканата сопруга Зага се нивните две деца, Елизабета и Бобан. Зага и Круме сега имаат и златни внучиња, па се реализирани и како баба и дедо. – Ние имаме прекрасно семејство исполнето со нашиот убав брачен живот, вели гордо за весникот ВЕЧЕР, популарниот македонски пејач.
Дуле Миќиќ