Крик од 18 до 24 јуни: „Човек без својства“ на Фестивалот за критичка култура

262

Првиот дел од четвртото издание на КРИК – Фестивалот за критичка култура годинава ќе се одржи од 18 до 24 јуни на тема „Човек без својства – политики на маргините“. Фестивалот ќе спои различни дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

КРИК свечено ќе биде отворен на 19 јуни со почеток во 19,30 часот, во Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазици управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал, Канада. Претходно, на 18 јуни во кафе – кино Котур, во рамки на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, во 19,30 часот ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек. Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.

„Оваа година КРИК ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното“, велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.

КРИК е во организација на Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи културни практики.