Криза со монетите во Белгија: Властите бараат од жителите да започнат да ги трошат

588

Белгиските власти го повикаа своето население да ги троши, како што го нарекоа, натрупаните монети евра, за да нема потреба да ги произведуваат.

Имено, Министерството за финансии на Белгија покрена кампања на социјалните мрежи во која повикува на потрошувачка на монети. Во оваа земја има повеќе од 4,2 милијарди монети, чија вкупна вредност е повеќе од 1,5 милијарди евра. Одредени белгиски продавници немаат доволно кусур за да дадат како кусур при плаќање во готово. Причината за тоа е што населението не користи голем број монети.

Споменатата кампања уследи по предупредувањето од голем број клучни трговски здруженија во Белгија за недостиг на монети. Тврдат дека населението трупа монети во апоени од пет, десет и 20 центи. Тие истакнаа дека овие монети не циркулираат доволно.

„Од кризата предизвикана од коронавирусот, потрошувачите значително помалку ги користеа овие монети и ги трупаат, спречувајќи ги да се вратат во оптек. Но, имајќи предвид дека трговците имаат потреба од монети, има недостиг“, објаснуваат оттаму.

Оние кои не сакаат да ги користат за плаќање, можат да ги депонираат во банка или да ги донираат во добротворни цели. Надлежните проценуваат дека со враќање на само два отсто од неискористените монети во оптек секоја година, може да се заштедат повеќе од пет милиони евра во трошоците за производство на нови монети.

Намалувањето на производството на монети е корисно и за животната средина. Имено, при нивното производство и транспорт се испуштаат значителни количини јаглерод диоксид (CO2). Една од причините зошто не се користат монети е тоа што има се повеќе луѓе кои користат дигитални плаќања, пренесува Euronews.