Кривичниот суд во Скопје го одобри обвинителниот акт против Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски за грабнувањето и свирепите убиства на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесети и четиригодишниот Панче Жежовски. Приговорите на одбраната на сега обвинетите биле одбиени како неосновани, а Обвинителниот акт за четворицата е одобрен во целост.
„По разгледување и ценење на актот, како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост. Врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично-правен предмет кој, согласно АКМИС системот, ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена“, стои во официјалното соопштение на Кривичниот суд.
Манев, Видевски и Кешишов, се обвинети за две дела грабнување и убиство додека Александар Ѓорчевски, таткото на Вања е обвинет за грабнување.
Со одобрување на обвинението законот предвидува судот да закаже рочиште во рок од 30 дена.
Против првоосомничениот Љупчо Палевски кој беше екстрадиран од Турција сè уште трае истрагата и засега нема обвинителен акт.