Неколку европски држави дадоа поддршка на одлуката на Бајден, но ЕУ се уште не одлучила. Украина треба да може да го користи оружјето што ѝ го дадовме, не само за да ги сопре нападите, туку и да ги нападне агресорите, рече шефот на дипломатијата на Унијата, Борел. Швеѓаните и Норвежаните добија брошури, а Финците онлајн инструкции што да прават во случај на војна и каква храна да складираат. Одлуката на американската администрација пред заминување, Доналд Трамп Помладиот ја коментираше со зборовите: Проклети да сте, имбецили. Москва се изјасни дека ќе смета дека нападите длабоко во територијата на Русија не ги извела Украина, туку Америка
Дали е на повидок трета светска војна? Викендов Русија го изврши еден од најмасовните напади на Украина откога е почната војната, потпомогната со севернокорејските војници распоредени на фронтот во областа Курск. Потоа дојде информација дека американскиот претседател Џозеф Бајден ја овластил Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел АТАЦМС, за да напаѓа длабоко во руска територија.
Поддршка дојде од неколку европски држави или од нивни политичари, но Европската Унија е во фаза на преиспитување таква одлука. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, вчера изрази надеж дека земјите членки на ЕУ ќе ѝ дозволат на Украина да користи ракети со долг дострел за напади во Русија, пренесе Ројтерс.
-Повторив дека Украина треба да може да го користи оружјето што ѝ го дадовме, не само за да ги сопре нападите, туку и да ги нападне агресорите. Сè уште верувам дека тоа е она што треба да се направи. Сигурен сум дека повторно ќе разговараме. Се надевам дека земјите членки ќе се договорат за тоа, рече Борел, во пресрет на средбата со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Очекуваната нова димензија на руско-украинската војна беше повод властите во Шведска, Финска и Норвешка да почнат да им даваат на своите граѓани инструкции како да се подготват и да се однесуваат. Брошурата „Во случај на криза или војна“, што ја примиле милиони Швеѓани, е од пред шест години, а сега е ажурирана и е двојно поголема поради, како што наведува шведската влада, влошувањето на безбедносната ситуација, осврнувајќи се на руската инвазија на Украина. И Норвежаните добија книга со инструкции како да поминат сами една недела во случај на екстремни временски услови, војна и други закани. Финска, исто така, штотуку објави дигитална брошура со совети за „инциденти и подготвеност за кризи“. Шведска и Финска се приклучија на НАТО алијансата во последните две години, по руската инвазија, а Норвешка беше основач на Западната одбранбена алијанса.
Во брошурите има и листа на намирници кои треба да се имаат дома. Списокот вклучува храна што не се расипува, како што се конзервиран грав, енергетски барови и тестенини, како и лекови кои вклучуваат таблети со јод во случај на нуклеарна несреќа.
Според пишувањето на „Њујорк тајмс“ и наводите на Ројтерс и некои други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување, Џозеф Бајден, во неделата ја овластила Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел од американско производство – АТАКМС за напади длабоко во руска територија и за гаѓање површински цели од побезбедно растојание. Одлуката на Бајден, што е голема промена во американската политика, според извори на медиумите ги поделила неговите советници, особено во светло на изјавите на Доналд Трамп за неговата намера да стави крај на војната во Украина. Според официјални лица, американската дозвола Украинците да користат ракети со долг дострел, доаѓа како одговор на ненадејната одлука на Русија да ги воведе севернокорејските трупи во борбата.
– Русија и Владимир Путин јасно ги кажаа своите позиции. Оваа одлука на САД значи ново ниво на вклученост на Вашингтон во конфликтот. Јасно е дека администрацијата на Бајден сака да долее масло на огнот и да испровоцира ескалација на тензиите, објави Кремљ, укажувајќи дека ако проектили обезбедени од САД паднат длабоко во Русија, Москва ќе смета дека овој напад бил изведен не од Украина, туку од самата Америка.
Рускиот сенатор Владимир Џабаров ја нарече одлуката на Бајден „чекор кон трета светска војна“. И руската пратеничка Марија Бутина има такво мислење.
-Овие момчиња, администрацијата на Бајден, се обидуваат да ја ескалираат ситуацијата до максимум додека сè уште имаат моќ и додека сè уште се на функција, рече таа прецизирајќи дека со оваа одлука се ризикува трета светска војна.
Украина веќе располага со проектили со долг дострел, но досега ги користеше само за напади врз окупираните делови на земјата. САД ѝ испорачаа проектили „АТАЦМС“ пред повеќе од една година, додека Франција и Велика Британија донираа проектили „сторм шедоу“, но со ограничувања со нив да не се гаѓа руска територија.
Според „Тајмс“, кој се повикува на американските медиуми, ракетите Киев најверојатно прво ќе ги употреби против руските и севернокорејските војници во Курск.
Русија во моментов има помош само од Северна Кореја, која испрати војници да се борат против Украина. Тешко е да се одреди точно колку војници се испратени, а според западните разузнавачки служби на фронтот во регионот Курск ги има повеќе од десетина илјади, додека на пат кон Русија, наводно има уште војници. Според „Фајненшл тајмс“ Северна Кореја во последните недели освен војници во Русија испратила и околу 50 самоодни хаубици М1989 Коксан и речиси 20 повеќекратни ракетни фрлачи.
Овој потег на Бајден се смета за негов последен удар на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој најави дека во својот мандат ќе и стави крај на руско-украинската војна. Додека се чека неговата реакција, вчера се огласи синот, Доналд Трамп Помладиот, кој, не можејќи да ја сокрие својата лутина рече дека како што изгледа “воено индустрискиот комплекс сака да се осигури дека третата светска војна ќе почне пред мојот татко да добие шанса да создаде мир и да спаси животи.“
– Проклети да сте, имбецили, напиша тој на Икс.
И додека светот стравува од почеток на украинска акција со американските ракети, Русија вчера изведе напад со балистички проектили врз Одеса, при што загинаа најмалку осуммина луѓе, а 39 беа ранети, вклучувајќи четири деца. Претседателот Володимир Зеленски кажа дека во нападот биле погодени паркинг, станбена зграда, универзитет и административна зграда.