Кремљ ги отфрли обвинувањата на Вашингтон за мешање во претседателските избори во САД

134

Обвинувањата на американските функционери за мешање на Москва во претседателските избори во САД се бесмислени, изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател.

„Ова не е првпат Русија да биде обвинета за мешање во американските избори, се разбира, ние не се мешаме“, рече Песков како одговор на Вашингтон пост.

Коментирајќи ги американските ограничувања за руските медиуми претходно оваа недела, Песков рече дека на Американците не им се допаѓа вистината.

Нашите медиуми едноставно ја пренесуваат вистината, но, за жал, на Американците не им се допаѓа вистината што им е непријатна и веднаш преземаат репресивни мерки“, додаде портпаролот на рускиот претседател.

Министерството за финансии на САД во средата ја објави одлуката за додавање на рускиот телевизиски канал РТ и неговата главна уредничка Маргарита Симонјан, како и нејзините заменици Антон Анисимов и Елизавета Бродскаја на листата на санкции.

Покрај нив, на црната листа се најдоа и уредникот на информативната програма на РТ Андреј Кијашко, раководителот на секторот за проекти за дигитални медиуми Константин Калашников и голем број други вработени во ТВ каналот.

Висок претставник на американското разузнавање денеска изјави дека Русија е најактивниот странски противник кој се обидува да влијае на претседателските избори во САД на 5 ноември, додека Кина е повеќе фокусирана на кандидати од пониско ниво.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби претходно изјави дека рускиот претседател Владимир Путин треба да престане да зборува за претстојните претседателски избори во САД.

„Путин треба да престане да зборува за нашите избори. Тој не треба да фаворизира никого на кој било начин“, рече Кирби, пренесе Ројтерс.

Говорејќи на пленарната сесија на Источниот економски форум во Владивосток, Путин истакна дека Камала Харис има „заразна смеа“, наведувајќи го тоа како причина за руската поддршка за неа, а не за нејзиниот републикански противник Доналд Трамп, пренесува Танјуг.