Терористи заробија двајца чувари во руски затвор, специјалците ги ликвидираа и ослободија заложниците/ВИДЕО

255
Printscreen/X

Киднаперите кои ги држеа заложниците во истражниот затвор во Ростов на Дон се ликвидирани, а заложниците се ослободени, соопшти руската Федерална поправна служба.

„За време на специјалната операција за ослободување на заложниците во истражниот затвор број 1 на Федералната казнено-поправна служба на Русија во Ростовската област, криминалците беа елиминирани, а вработените кои беа држени како заложници беа ослободени и не беа повредени, се вели во соопштението, а пренесува РИА Новости.

Претходно телеграмскиот канал Баз кој има извори во руската полиција, објави дека пeторица затвореници зеле двајца чувари како заложници во притвор во јужниот руски регион Ростов и тврдат дека се поддржувачи на ИСИС.

Руската Федерална затворска служба претходно соопшти дека приведените зеле како заложници двајца вработени во истражниот затвор во Ростов. „Институцијата работи вообичаено, ситуацијата е под контрола“, стои во пораката на службата на апликацијата за пораки Телеграм.

Патниот сообраќај беше ограничен
Се додава дека на местото на настанот биле повикани агенциите за спроведување на законот. Руската државна новинска агенција РИА објави, повикувајќи се на неидентификувани извори, дека уапсените вклучени во земање на вработени како заложници се обвинети за тероризам.

Патниот сообраќај околу центарот е ограничен, јавуваат руските агенции. Агенцијата Интерфакс, повикувајќи се на неименувани извори, јави дека уапсените побарале автомобил и бесплатно излегување од затворскиот центар.