Крајбрежните села уште пред 7.000 години граделе морски ѕид за да избегнат поплави

21

Со обилните врнежи, циклонот Борис ја стави речиси цела Европа во ситуација да води борба со водните стихии и да смислува начини како да ги минимизира штетите. Но, и луѓето што живееле илјадници години пред нашата ера ги воделе истите битки, а имале и свој начин за заштита од поплавите.

Најстарата позната одбрана од поплави, но не од реките, туку од порастот на морињата, што ја откриле археолозите датира од пред 7.000 години. Тоа е морски ѕид во близина на брегот кај Хаифа, што се наоѓа во денешен Израел.

Пред околу 7.000 години, морињата ширум светот се подигале. Глечерите од леденото време се топеле, а океанот станувал сè поголем, што ги загрозувало крајбрежните населби. Впрочем, таква е ситуацијата и денеска.

Морскиот ѕид бил изграден со цел да спречи поплавување на населбите и да го заштити селото од бури, пренесува „Блиц“.

Покрај северниот брег на Израел, кој бил преполн со земјоделски населби во тоа време, лежат многу потопени древни села. Тие често биле покриени со околу еден метар песок, што помогнало да се зачуваат урнатините, но и да се скријат, додека не ги исчисти невремето на кратко.

Во 2012 година, меѓународен тим истражувачи од Универзитетот во Хаифа, Универзитетот „Флиндерс“ во Австралија, Израелската управа за антиквитети и Хебрејскиот универзитет открија морски ѕид во потопената населба Тел Хреиз.

Тие, како што пренесува српскиот портал, пронашле урнатини од куќи изградени од камен и од дрво, коски од животни, меѓу нив и од стока и од кучиња, стотици семки од маслинки од производството на маслиново масло, алатки од кремен, огниште, па дури и две човечки погребувања. Анализата Ц14 покажала дека селото било основано пред 7.000 години.

Студијата е објавена во списанието „Plos ONE“, пишува порталот All About Archeology.

Констатирано е дека ѕидот бил долг 100 метри и служел како привремена одбрана, сè додека подоцна не било напуштено и потопено античкото село, кое сега се наоѓа на три метри под морето.

Некои камења тежеле до 1.000 килограми. Селаните, најверојатно, преместувале камења од утоката на реките, во должина и до четири километри. Во некој момент, селото постоело 200-300 години.

– Во текот на неолитот, населението на Медитеранот би доживеало покачување на нивото на морето од четири до седум милиметри годишно или приближно 12-21 сантиметар во текот на животот (до 70 см на 100 години). Оваа стапка на пораст на нивото на морето значи дека зачестеноста на деструктивните бури што ги оштетуваат селата значително би се зголемила – напишале авторите за истражувањето.

Ова барало човечки одговор, кој вклучувал изградба на крајбрежен заштитен ѕид. И покрај тоа, античките луѓе морале да ги напуштаат своите села, наведува „Блиц“.

Античкиот ѕид сега лежи потопен покрај брегот на Израел, заедно со другите села што требало да ги заштити.