Досега, филмот има освоено петнаесетина значајни награди. Беше прикажан и пред домашната публика, на неколку македонски фестивали. „Сценариото“ раскажува фантастична приказна што одекна и кај публиката и кај критичарите, а неговиот успешен фестивалски живот е доказ за посветеноста на целата актерска и креативна екипа што стои зад него
Краткометражниот филм на режисерката Александра Кардалевска со наслов „Сценариото“ (The Script) доживува голем успех на светската филмска сцена, освојувајќи бројни награди и селекции на реномирани фестивали ширум светот.
По успешната светска премиера на престижниот 45. Московски филмски фестивал и меѓународната премиера на 29. Фестивал на фантастични филмови во Билбао, филмот беше прикажан на бројни значајни филмски настани како што е „FilmQuest“, еден од водечките жанровски фестивали во светот што се одржува во Јута, САД, потоа на фестивалот „Cinefantasy“ во Сао Паоло, Бразил, како и на низа други меѓународни фестивали.
Досега, филмот има освоено петнаесетина значајни награди, меѓу кои: наградата од публиката на 33. Фестивал на фантастични филмови во Манчестер; големата награда од жирито на „Бакунава фест“, Филипини, најстариот и најголем фестивал на жанровски филмови во Азија; наградата на „CineLibri“ во Бугарија; награди на фестивалот „Фантазмагорија“ во Колумбија; на фестивалот „Paradise“ во Унгарија; наградата на „Galactic Imaginarium“ во Романија; „Descubierto Fantasy Film Festival“ во Перу, како и две значајни награди – главната награда од жирито и наградата од критиката на фестивалот „Fantasy Day“ во Италија. Исто така, филмот ги освои наградата за најдобро сценарио на „Balkan Nordic Film Festival“ во Стокхолм и наградата за најдобра кинематографија на „Cinematic European Film Festival“ во Романија.
Филмот беше прикажан и пред домашната публика, на неколку македонски фестивали. Ја освои наградата за најдобар краткометражен филм на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран и TIFF ODA во Тетово, а на „Астер фест“ во Струмица ја освои наградата за најдобро сценарио.
Со своето учество и успех на овие фестивали, „Сценариото“ не само што придонесува за интернационална промоција на македонската кинематографија туку и ја носи уметноста на Кардалевска до публиката ширум светот. Филмот раскажува фантастична приказна што одекна и кај публиката и кај критичарите, а неговиот успешен фестивалски живот е доказ за посветеноста на целата актерска и креативна екипа што стои зад него.
Во филмот, поддржан од нашата Агенција за филм, играат: Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски, Игор Ангелов, Симеон Мони Дамевски и Ана Стојановска. Директор на фотографијата е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Чачоровски, монтажата на Блаже Дулев, а дизајнот на звукот го изработи Дарко Спасовски-Пацки. Дизајнот и изработката на костимите се на Онур Озџан, Маја Ѓуреска и на Антонија Гугинска-Јорданоска, а шминката е дело на Снежана Ангеловска-Живковска. Филмот е во продукција на „Лајт продакшн“, во копродукција со „Круг филм“ и со „Алка филмс“ од Скопје, „Ikone Studio“ од Косово и „Kube Studios“ од Албанија.