Крадецот е крадец и со полн паричник и облечен во бунда до петици 

463

Една продавачка во минимаркет, со пилјара во непосредна близина на зелен пазар, во населба Аеродром, ни раскажа два интересни случаи од многуте во нејзиниот работен век, што ги регистрирала пред нејзината продавница. Во едниот случај, средовечна жена без срам ѝ украла шака кикирики, а во другиот госпоѓа со крзнена бунда се обидела да украде од господин кеса полна со месо 

 

Не е невообичаено децата да крадат. Ако вашето малечко земе нешто што не му припаѓа, не кревајте паника дека тоа е почеток на живот исполнет со криминал. Помогнете им на децата да разберат зошто е лошо тоа што го направиле и направете промени во нивното однесување, а потоа продолжете понатаму. Психолозите потсетуваат дека пробувањето грозје во маркет за да се уверите во квалитетот е во ред, но јадењето банана не е.

– Децата се обидуваат да дознаат што ќе се случи ако ги фатат, а еден од најголемите проблеми е ако не ги фатите. Се обидуваат да дознаат кои се правилата и ако никој не ги фати и не им каже дека тоа што го прават е погрешно и мора да го вратат или да платат за тоа, тогаш тие не добиваат чувство дека се доволно надгледувани – објаснуваат психолозите.

Но, како да се оправда крадењето кога ќе го направи возрасен, па макар и на една шака кикиритки. Дали и возрасните се како и децата да посегнат по нешто да украдат кога мислат дека не се надгледувани. Една продавачка во минимаркет, со пилјара во непосредна близина на зелен пазар, во населба Аеродром, ни раскажа два интересни случаи од многуте во нејзиниот работен век, што ги регистрирала пред нејзината продавница.

Таа ни раскажа дека поради пазарот има секојдневна врвулица од луѓе пред нејзиниот маркет. Покрај овошје и зеленчук пред маркетот продава и топли печени кикиритки кои ги мамат минувачите кои посегнуваат и сами си се послужуваат.

– Ехеее, кикиритките ми ги крадат и гулабите и луѓето. На гулабите не им се лутам, тие тоа го прават несвесно за да се прехранат. Ама на оние свесните им се лутам бидејќи место да пробаат едно-две зрна од кикириките, тие зграбуваат цела шака и без срам си заминуваат. Тоа го направи една средовечна жена која со кесите полни од пазар поминуваше покрај маркетот. Прво погледна дали има некој во маркетот. Јас стоев зад касата и очигледно не ме забележа, а потоа без срам зграби од кикириките и си продолжи како ништо да не се случило. Јас тргнав по неа да ја следам до булеварот, а таа си јадеше од кикириките. Кога ѝ се приближив и и кажав дека ми зема од кикириките без да плати, таа место да се засрами, ми се нафрли како мене не ми било срам да ја следам за една шака кикиритки – ни раскажа оваа продавачка.

Вели дека крадат и млади и стари, и сиромашни и подобро ситуирани. Дека тоа што некои имаат многу пари во паричникот, а сепак се дрзнуваат да украдат, говори за нивното воспитување. Ни кажа дека неодамна била сведок на кражба од супермаркетот што е непосредно до нејзиниот маркет.

– Еден господин истрча од супермаркетот и фати за рака една госпоѓа токму пред мојата продавница. Се гледаше дека госпоѓата беше ситуирана по тоа што беше облечена во долга скапа бунда, носеше кожени чизми со високи потпетици, рацете ѝ беа негувани, а долгите нокти како канџи излакирани. Господинот и укажа дека при излегување од супермаркетот му ја зел кесата полна со месо која била закачена на закачалка покрај влезната врата. Таа без збор му ја врати кесата и продолжи кон пазарот, а господинот само ѝ подвикна, како тоа не погрешила да му ја земе другата кеса полна со компири – со смеа ни кажа оваа продавачка.

Таа ни рече дека размислува да напише книга во која ќе ги стави сите интересни случки на кражби што ги доживеала.

– Очекувам дека некој ќе се препознае кога ќе ја прочита мојата книга кога ќе ја напишам – вели таа. 

(С.Бл.)