Во каналската мрежа во општина Илинден неконтролирано се испуштаат секакви фекалии и нефилтрирани индустриски отпадни води од повеќе компании. Жители на Марино минатата недела му се пожалија на заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули дека во каналот кој поминува пред нивните куќи тече бела вода.
Тие се сомневаат дека компании кои работат во Индустриска зона Бунарџик испуштаат секакви материи во каналската мрежа поради што се шири неподнослива миризба.
– Оправдана е загриженоста на дел од жителите на Марино заради проблемот со испуштање на загадувачки материи во одводниот канал кој се наоѓа пред нивните домови. Но, и покрај пријавувањата, видлива е неможноста за решавање на овој проблем од страна на надлежните на локално ниво. Токму тоа ја покажува потребата од 24/7 инспекциски надзор како на Државниот инспекторат за животна средина, така и на локалните инспекторати – информира Макрадули.
Според него, вмрежувањето на државниот инспекторат и локалните капацитети, со зголемување на нивните ингеренции е едно од решенијата за спречување на појава на вакви проблеми, кои се дирекна закана по здравјето на луѓето.
(С.Бл.)