Освен за најдобар филм, „Опенхајмер“ доби номинации и за режија (Кристофер Нолан), за најдобра главна машка улога (Килијан Марфи), за најдобра споредна машка (Роберт Дауни Џуниор) и споредна женска улога (Емили Блант), како и за адаптирано сценарио, кинематографија, монтажа, сценографија, звук, костимографија, шминка и музика. Филмот го прикажува познатиот физичар Роберт Опенхајмер, креаторот на атомската бомба
Филмот на Кристофер Нолан за познатиот физичар Роберт Опенхајмер, креаторот на атомската бомба „Опенхајмер“ (Oppenheimer) доби најмногу – 13 номинации за престижната награда Оскар, а по него следуваат „Бедни суштества“ (Poor Things) со 11, „Убијци на цветната месечина“ (Killers of the Flower Moon) со 10 и „Барби“(Barbie) со 8 номинации.
Освен за најдобар филм, „Опенхајмер“ доби номинации и за режија (Нолан), за најдобра главна машка улога (Килијан Марфи), за најдобра споредна машка (Роберт Дауни Џуниор) и споредна женска улога (Емили Блант), како и за адаптирано сценарио, кинематографија, монтажа, сценографија, звук, костимографија, шминка и музика.
Филмот „Бедни суштества“ (Poor Things), кој ја прикажува неверојатната приказна за Бела Бакстер, млада жена вратена во живот од брилијантниот научник д-р Годвин Бакстер, пак, се закити со номинациите за најдобар филм, режија (Јоргос Лантимос), најдобра главна женска улога (Ема Стоун), најдобра споредна машка улога (Марк Руфало), како и за адаптирано сценарио, кинематографија, монтажа, сценографија, костимографија, шминка и музика.
Што се однесува за филмот на Мартин Скорсезе „Убијци на цветната месечина“ – десетте номинации се во категориите: најдобар филм, режија, најдобра главна женска улога (Лили Гладстон), најдобра споредна машка улога (Роберт де Ниро), како и за кинематографија, монтажа, сценографија, костимографија, музика и најдобра песна. Дејството на филмот е сместено во 1920-тите, во Оклахома, кога под земјата на племето Осаж, домородно население од средниот запад на Америка, е откриена нафта. Луѓето од Осаж ги убиваат еден по еден сè додека ФБИ не влезе да ја разоткрие мистеријата. Интересно е тоа што со номинациите Скорсезе стана најноминиран жив режисер, а Гледстон – првата домородна Американка која е номинирана во категоријата за најдобра актерка. Можеби уште поинтересно е дека актерот Леонардо ди Каприо, кој го толкуваше главниот лик во оваа драма, не беше номиниран во категоријата најдобар актер во главна улога.
Филмот за славната кукла „Барби“, пак, освен за најдобар филм, е номиниран и за најдобра споредна женска (Америка Ферера) и споредна машка улога (Рајан Гослинг), како и за адаптирано сценарио, сценографија, костимографија, и оригинални песни („Јас сум само Кен“ и „За што бев создаден?“). Марго Роби, која ја толкуваше Барби во филмот, не беше номинирана во категоријата најдобра актерка во главна улога, иако публиката и критичарите се согласуваат дека таа беше извонредна. Роби е номинирана како продуцентка на филмот. Истата судбина ја доживеа и режисерката на филмот Грета Гервиг, која нема да се натпреварува во категоријата „најдобра режија“.
Инаку, покрај овие четири филма, за наградата Оскар во категоријата најдобар филм ќе се натпреваруваат и остварувањата „Американска фикција“ (American Fiction), „Анатомија на падот“ (Anatomy of a Fall), „The Holdovers“,„Маестро“ (Maestro), „Минати животи“ (Past Lives), и „Зоната на интерес“ (The Zone Of Interest).
Во категоријата најдобра режија, покрај, режисерите на филмовите „Опенхајмер“ (Нолан), „Бедни суштества“ (Лантимос), „Убијци на цветната месечина“ (Скорсезе), номинирани се и на „Зоната на интерес“ (Џонатан Глејзер) и на „Анатомија на падот“ (Жастин Трие).
Што се однесува, пак, до актерските категории, покрај глумецот Килијан Марфи (за „Опенхајмер“), за наградата Оскар за најдобра машка улога номинирани се и Бредли Купер (за „Маестро“), Колман Доминго (за „Rustin“), Пол Џиамати (за „The Holdovers“) и Џефри Рајт (за „Американска фикција“). За најдобра женска улога, пак, освен Гладстон (за „Убијци на цветната месечина“) и Стоун (за „Бедни суштества“) во трка за златната статуетка се и Сандра Хулер (за „Анатомија на падот“), Анет Бенинг (за „Nyad“) и Кери Мулиган (за „Маестро“).
Во категоријата најдобра споредна машка улога, освен веќе споменатите де Ниро (за „Убијци на цветната месечина“), Дауни Џуниор (за „Опенхајмер“), Гослинг (за „Барби“), Руфало (за „Бедни суштества“) ќе се натпреварува и Стерлинг К. Браун (за „Американска фикција“), а за најдобра споредна женска улога, пак, покрај Ферера (за „Барби“) и Блант (за „Опенхајмер“) во игра за Оскар влегоа и актерките Џоди Фостер (за „Nyad“), Даниел Брукс (за „Пурпурна боја“) и Давин Џој Рендолф (за „The Holdovers“).
Во номинацијата за најдобар интернационален филм се најдоа насловите како „Јо Капитано“ (Io Capitano) од Италија, „Совршени денови“ (Perfect Days) од Јапонија, „Општество на снегот“ (Society Of The Snow) од Шпанија, „Салата на наставниците“ (The Teachers’ Lounge) од Германија, и „Зоната на интерес“ (The Zone Of Interest) од Велика Британија.
Покрај очекуваните номинирани наслови и имиња, имаше и неколку изненадувања. Големо изненадување за многумина беше тоа што филмот „Saltburn“ нема ниту една номинација, иако во неколку категории беше номиниран за „Златен глобус“ и „БАФТА“. За актерката Грета Ли од филмот „Минати животи“ се предвидуваше дека ќе биде номинирана во категоријата најдобра актерка во главна улога, но тоа не се случи, а филмот „Ферари“ на Мајкл Ман не ги импресионираше критичарите, но истото не може да се каже и за изведбата на Пенелопе Круз во овој биографски филм. Шпанската актерка, сепак, не беше номинирана за Оскар во категоријата за најдобра споредна женска улога.
Свеченото доделување на 96. награди „Оскар“ ќе се одржи во Долби театарот во Холивуд, во САД, ноќта помеѓу 10 и 11 март, а водител ќе биде Џими Кимел. (Н.И.Т.)