Кој се плаши од бројките на пописот?

Во скратена постапка, со европско знаменце, пред Нова година заврши комисиската расправа за новата верзија на законот за попис. Не беше прифатен ниту еден амандман на опозицијата. Оттаму велат нема да го поддржат пописот и најавуваат ново пребројување кога ќе дојдат на власт. Попис мора да има и оваа операција ќе биде спроведена според стандардите на ЕВРОСТАТ, како што и бараат опозиционерите, децидни се од СДСМ

332

Новата година не донесе променети позиции за пописот што треба да се случи во април. Со старата реторика и меѓусебни обвинувања ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можат да се договорат за статистичката операција, која наместо да биде релевантен извор за креирање нови политики, стана предмет на политички препукувања.

Камен на сопнување беше барањето на опозицијата попишувањето на граѓаните да биде со отпечаток од прст, што според власта е невозможно. Власта цени дека на тој начин не би можело да се опфатат оние што во моментот нема да бидат во земјава, а во базата на податоци ги нема странците и малолетните.

Во скратена постапка, со европско знаменце пред Нова година заврши комисиската расправа за новата верзија на законот за попис. Не беше прифатен ниту еден амандман на опозицијата. Оттаму велат нема да го поддржат пописот и најавуваат ново пребројување кога ќе дојдат на власт.

– СДСМ се труди да донесе фалсификат попис, односно да направи пописен инженеринг како што направија и изборен инженеринг. Нејасни се за нас три поенти, односно три состојби. Првата, зошто не се објавува методологијата на попишување која требаше да биде интегриран дел на Законот за попис за сите да ја видат? Под број два, зошто СДСМ е против терминалите за отпечаток на прст кои што секако треба да се набават и е законска обврска за локалните избори кои ќе се одржат оваа година и третиот дел тоа е дека СДСМ се обидува да направи попис во кој луѓето нема да имаат доверба, граѓаните нема да имаат доверба и институциите нема да имаат доверба. Ние имаме принципиелен и јасен став, нема да го поддржиме, нема да го почитуваме и идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе кредибилен попис по сите стандарди на ЕВРОСТАТ и другите европски и институции на Обединетите нации – рече Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Попис мора да има и оваа операција ќе спроведена според стандардите на ЕВРОСТАТ како што и бараат опозиционерите, децидни се од СДСМ.

„Нема ниту еден стандард кој не задоволен. Од Државниот завод за статистка има целосно уверување дека сите стандарди се задоволени дури и повеќе од тоа и дека ќе се преземат сите можни мерки да се спречи двојно попишување… ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спречи процесите кои имаат за цел развој и напредок на целото македонско општество“, велат од СДСМ.

Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, неодамна преку отворено писмо го повика претседателот Стево Пендаровски, да не го потпишува Законот за попис. Димовски смета дека шефот на државата како авторитет, мора да преземе конкретни дејствија за да спречи Закон за кој нема минимален консензус. Собранието, смета Димовски, ќе има време во јануари, со општ консензус и делумни измени на предложениот закон, да донесе општо прифатлив закон доколку со ваше конкретно дејство создадете услови за тоа. Според него, не е опасно пописот во Македонија да се одржи и еден месец подоцна, наместо во април да биде во мај.

Дека на земјава и е неопходен попис се сложуваат и партиите од албанскиот блок, но бараат неколку корекции во законското решение.

Првиот човек на статистика Апостол Симовски во изјава за весникот ВЕЧЕР неодамна ги повика сите политички партии да ги заборават дневно-политичките интереси и за ова прашање да најдат консензус.

-Спроведувањето на пописот е во интерес на сите. Едноставно, тоа е операција која повеќе не смееме да ја одложуваме, затоа што неговото организирање е за општо добро. Сите се свесни колку ни се неопходни тие податоци, кои треба да ги даде пописот, рече Симовски.

Најавувајќи го првиот попис во државава по 19 години, британски  „Економист“ ѝ прогнозира на Македонија намалување на населението. Реномираното списание заклучува дека комбинацијата на иселување и низок наталитет, во отсуство на доселување во земјата на Македонија ќе ѝ донесе 1,5 милиони жители.

(Ј.Ц.Г.)