Кој замижал Рамадани да избега од Македонија?!

СУДСКИОТ СОВЕТ ФОРМИРА КОМИСИЈА ШТО ЌЕ ГО ИСПИТА ПОСТАПУВАЊЕТО НА КРИВИЧНИОТ СУД

298

Не стивнуваат реакциите по бегството од домашен притвор на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, истиот ден кога одлучи Кривичниот суд да ја преиначи мерката во ефективен притвор. Стручната јавност прашува зошто судијата на претходна постапка во Кривичниот суд, на почетокот одовој месец, ја заменил претходно одредената мерката притвор со мерка домашен притвор за Рамадани, кој беше уапсен на 17 јули, на граничниот премин Јажинце, по потерница од Србија во Интерпол.

Кој потфрлил и се дозволи бегство на Рамадани? Адвокатот Звонко Давидовиќ изјави за весникот ВЕЧЕР дека е сомнително тоа што судијата на претходна постапка ја преиначил мерката притвор во домашен притвор и прашува кој го убидил дека треба да го смени тоа.

Давидовиќ објаснува дека кога бара Обвинителството мерка притвор, таа најчесто и се определува од судија на претходна постапка, особено за тешки кривични дела, бидејќи од досегашната практика се определуваат и за полесни.

– За тешко кривично дело, бидејќи Србија го бара за злосторства, домашниот притвор е научна фантастика. За помали кривични дела, досега е определуван притвор. Индикативно е зошто претходно истиот судија одредил притвор од триесет дена, а потоа го заменил со домашен притвор, особено за човек што не живее тука. Тоа значи дека оваа мерка домашен притвор не го спречила да избега, изјави Давидовиќ за весникот ВЕЧЕР.

Тој објаснува дека, пред два дена, по жалбата на Обвинителството, Кривичниот совет ја заменил мерката куќен притвор со притвор и дека во случајов треба да се бара одговорност од судијата на претходна постапка, зошто ја заменил првично донесената мерка притвор со куќен притвор, која ја искористил осомничениот Рамадани за бегство.

– Надзор над мерката домашен притвор врши судот и најчесто му ја доверува оваа задача на Министерството за внатрешни работи, кое, одвреме-навреме, врши проверка дали е лицето на адресата за која му е одреден притворот. МВР нема можност за 24-часовна контрола на лицето во домашен притвор, појаснува адвокатот Давидовиќ.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово завчера соопшти дека се информирани од косовската амбасадата во Северна Македонија оти македонските власти ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани, од куќен притвор во притвор пред тој да избега од домашниот притвор, кој го издржувал во куќата на свои роднини во Скопје, јави МИА од Приштина.

– Ве известуваме дека Амбасадата на Република Косово во Северна Македонија е известена од адвокатот на Рамадани дека му била преиначена безбедносната мерка од куќен притвор во притвор, во време кога ја чекаше одлуката на Врховниот суд,  изјавија од косовското МНР за порталот Газета експрес.

Од косовското Министерство за надворешни работи велат дека немаат други официјални информации од властите во Македонија.

– Потсетуваме дека, според нашите претходни информации, Основниот кривичен суд – Скопје на 8.8.2024 година одлучи да не го екстрадира Рамадани во Србија. Тој ја чекаше конечната пресуда на Врховниот суд, во наредните денови,  стои во  информацијата од косовското МНР.

Од Организацијата на воени ветерани на ОВК изјавија за косовските медиуми и телевизии дека Рамадани веќе е во Косово и дека го пофалиле за одлуката што ја донел – да избега од притвор и дека треба да покажат дека ја има поддршката од сите.

– Неговата одлука за бегство е донесена откако беше објавено дека ќе биде вратен во притвор и дека може да биде екстрадиран во Србија. Тој донесе добра одлука. И јас би го направил истото, изјави Луан Јахири, потпретседател на Организацијата на ветерани на ОВК.

Се огласи и Судскиот совет. Тој денес одржа итна седница на  која го отвори и прашањето за одлуката на судијата Пајазити, кој му определи екстрадициски куќен притвор на припадникот на ОВК, Рамадани. За овој случај, како и за другите два случаи на судија член на Судскиот совет и член на Советот на јавни обвинителуи кои признаа дека зеле мито, претседателката на Советот, Весна Дамева, рече дека е потребно да се формира комисија, која ќе ја утврди фактичката состојба.

– Во услови кога нема официјален одговор од канцеларијата за односи со јавност на Основниот кривичен суд – Скопје, Судскиот совет е должен да изврши надзор и увид во постапувањето, однесувањето и одлучувањето на Судот и да излезе со официјален став ако сака да си ги зачува своите место и улога,  изјави членот на Судскиот совет, Ивица Николовски.

Комисијата, која ќе утврдува што се случило точно и како и зошто донеле судиите такви одлуки, е составена од членовите на Судскиот совет: Александар Камбовски, Ханиф Зендели и Павлина Црвенковска.

Според владејчаката ВМРО- ДПМНЕ, бегството на Рамадани е уште една потвтрда дека Советот на судии и јавни обвинитеи треба да се распушти, бидејќи еден од членовите на Советот е судијата што го пушти Рамадани во домашен притвор, а други двајца судии се фатени во поткуп.

– Наќе Георгиев и Иџет Мемети, од кои едниот беше член на Судскиот совет, а другиот заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, не се единствените што треба да одговараат. Одговорност мора да има и за Пајазит Пајазити, кој прифати Иџет Мемети да помине со условна казна, иако признал дека зел мито и влијаел на судски одлуки. Што требало повеќе да направи Мемети за да добие затворска казна? Истиот тој Пајазит Пајазити е судијата што го пушти Блерим Рамадани во куќен притвор за да може да избега, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, очигледна е спрегата и корумпираноста на Георгиев, Мемети и Пајазити, но и сите луѓе што ги назначувале тие, а се судии и обвинители.

Премиерот Христијан Мицкоски денес побара од Судскиот совет да поведе постапка против судијата Пајазити, потенцирајќи дека овој случај не е прв.

– Ова не е прв случај. Првиот беше во 2016, а вториот во 2019 година, знам каде не е – не е во домашен притвор. Зошто е одлучено така? Затоа што во 2019 г., одлуката е многу јасна. Зошто е ослободено тогашното лице, кое било во екстрадициски притвор? Ова лице е познато по многу контроверзни одлуки, како онаа за М-НАВ. Тој ја суспендира судската практика и ја надвладеа одлуката на повисокиот Врховен суд. Треба многу сериозно да се анализира ова, изјави Мицкоски.

Премиерот смета дека ова е уште еден пример зошто треба комплетно да се промени Судскиот совет како состав.

Од опозицискиот СДСМ, пак, обвинија дека министерот Тошковски и МВР се обидуваат да спинуваат дека Судот е виновен за бегството на Рамадани, кој веќе е во Косово.

– Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството е удобно дома, па уште стигнуваат јасни пораки од Косово дека е таму? Кого се обидуваат да залажат институциите, дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализирано од МВР? Кој ќе сноси одговорност за бегството на човек баран со меѓународна потерница?, изјавија од СДСМ.

Од СДСМ денес прашаа дали значи ова дека секој што е во домашен притвор може слободно да избега и за тоа да биде виновен судот, кој определил таква мерка, или се виновни тие што требало да го обезбедуваат.

– Мицкоски да се охрабри да каже дали не е ова дел од договорот меѓу него и Курти, изјавија од СДСМ.

(Е.Б)