По наводите на премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, на седницата за пратенички прашања, дека тајни служби креирале лажно досие за него во 2020 година со цел да го следат во текот на парламентарните избори, Јавното обвинителство отвори предмет, кој е доделен кај надлежен обвинител и во кој ќе се испитуваат наводите за негово незаконско следење. Ова денеска на Мицкоски лично му го соопштил државниот обвинител Љупчо Коцевски, на кратка средба во текот на настанот организиран од МВР. Од Обвинителството велат дека е отворен предмет по институтот „допрен глас“ откако откри премиерот дека соработник на тајните служби со кодно име Цилиндер, а подоцна преименуван во Џокер, давал лажни информации како алиби за следење на Мицкоски и на неговото семејство. Изворот информирал дека Мицкоски е финансиер на параполициска формација што имала цел да ги заплашува граѓаните за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски не ја открива разузнавачката служба преку која се одвивало следењето и, со насмевка на лицето, му порача на државниот обвинител, кој во текот на изјавата стоеше зад него, случајот да добие разврска.
– Во информациите што ги давало лицето, јас сум инспиратор и финансиер на милитантна паравоена и полициска организација. Овие извештаи, дебрифинзи се случувале на почетокот од 2020 година, кога имаше избори и не било информирано МВР за тоа, бидејќи во тоа време технички министер беше Наќе Чулев. Се барал начин, преку еден монтиран случај, да се покрие следењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Мицкоски.
Инаку, според Законот за АНБ, физичко лице може да дава информации што се од значење за националната безбедност, за разговорот се составува записник, кој, пак, може да биде достапен на барање од надлежните надзорни и контролни органи. Премиерот не кажа како дошол до ваквите записници и кое е лицето што брифирало лажно кај службите.
Според Законот за АНБ, директорот може да одобри користење на тајни соработници, а доколку станува збор за податоци од значење за националната безбедност на државата, Агенцијата бара од полицијата да изврши разговор со тоа лице под услови утврдени со закон. Во услови кога постојат сомневања дека се подготвува извршување кривично дело против државата, под што се подразбира и финансирање параполициска формација, судот е тој што може да нареди мерки за тајно собирање информации, предвидува Законот, на барање од јавен обвинител, а крајниот збор го има судија на Врховниот суд.
Во насока на работењето на разузнавачките служби, премиерот беше прашан до каде е со реализацијата на најавеното спојување на Агенцијата за разузнавање и на Агенцијата за национална безбедност и дали има некаков предлог-закон за спојување на агенциите. Тој посочи дека реформите се во подготовка.
– Таа процедура нема да биде брза и, се разбира, нема да биде јавна. Кога ќе биде завршено сè, а треба време за тоа, ќе биде јавна, ќе има јавна дебата, ќе може експертите да ги дадат своите мислења. Но, ние се подготвуваме за оваа реформа, бидејќи најголемиот дел од НАТО-земјите ја имаат направено оваа реформа, од соседството таква е во Словенија, во Хрватска итн. Така што, да бидеме трпеливи, затоа што, сепак, станува збор за системот за разузнавање и контраразузнавање на државата – рече Мицкоски.
Премиерот, вчера , од собраниската говорница, укажа на незаконско работење на дел од агенциите и на службите задолжени да се грижат за безбедноста на граѓаните и на државата, истакнувајќи ја неопходноста од реформи во работењето на службите. Мицкоски обелодени дека претходната власт физички го следела него, како лидер на најголемата тогаш опозициска партија, но и членови на неговото потесно семејство, неговата сопруга и синовите. На база на лажни информации, во службите не им биле издавани безбедносни сертификати на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кога биле во опозиција. (П.А.)