Кој е Игор Стрелков, за кого Украина нуди награда од 100.000 долари?

389
Фото: Facebook

Поранешниот агент на ФСБ и десничарски националист Игор Гиркин Стрелков е еден од главните проруски сепаратисти во Украина, а сега украинските власти нудат огромни пари за оној кој ќе им го донесе Стрелков.

Кој е Игор Гиркин викан Стрелков? Во 2014 година, Игор Гиркин бил во центарот на настаните во Украина. Тој пристигнал на Крим со група вооружени лица, каде, според неговото признание, со закани со оружје ги принудиле локалните претставници да гласаат за референдум за отцепување.

По референдумот тој го напуштил Крим, но набрзо повторно влегол во Украина, овој пат во регионот на Доњецк, повторно со група вооружени лица. Неговиот тим ги окупирал административните згради во Славјанск и го прогласил создавањето на ДНР. Гиркин дури извесно време бил министер за одбрана на ДНР. По конфликтот со локалните водачи на ДНР, тој е вратен во Русија.

Во Хаг му се суди во отсуство во врска со соборувањето на малезискиот патнички авион во кој загинаа 298 патници. Обвинителството бара доживотен затвор за Гиркин.

Украинците за него нудат 100.000 долари. „ГУР гарантира 100.000 долари за заробениот Игор Гиркин – Стрелков“, беше објавено на Фејсбук и на другите социјални мрежи.

„Главното разузнавање на Министерството за одбрана на Украина гарантира исплата на 100.000 долари за трансфер на Игор Гиркин (Стрелков) во украинско заробеништво“, објавија тие на Фејсбук.

Како што пренесува Индекс.хр, Стрелков наводно повторно се вклучил во војната, а украинските медиуми пишуваа за тоа во последните неколку дена.