Веста дека познатата актерка Силвија Стојановска е во куќен притвор поради вмешаност во врска со заплена на големо количество дрога, е најновата „бомба“, која одекна во македонската јавност, но и во регионот. Откако завчера попладнето беше приведена и однесена на распит во скопскиот Кривичен суд, судија на претходна постапка ѝ одреди триесетдневен куќен притвор.
Дел од медиумите јавија дека Стојановска е приведена во врска со заплена на поголемо количество дрога.
Покрај неа, пред судија на претходна постапка беше изведено уште едно лице за кое по барање на Обвинителството му е определен 30-дневен притвор во затворот Шутка.
Иако медиумите во цел регион веста веднаш ја објавија, сепак, ниту една надлежна институција вчера не даде официјални информации за истрагата во која осомничена е актерката Силвија Стојановска и уште едно лице со иницијали В.Д., кој доби мерка затворски притвор.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција велат дека немаат информации кои можат да ги споделат во јавност, а истиот одговор го добивме и од МВР. Никој ниту потврдува ниту ги демантира информациите до кои дојдоа медиумите, дека актерката и уште едно лице биле уапсени за трговија на 700 килограми кокаин. Обвинителството исто така, не открива колку лица се осомничени, во меѓународна акција во која е вклучен Интерпол и кога почнала истрагата.
По молкот од институциите, се погласни се неофицијалните информации дека улогата на актерката била само помагач во меѓународна трговија со кокаин во која главен испорачател бил нејзиниот партнер со брат му. Неофицијално, трансакциите оделе преку банкарската сметка на актерката, која наводно била логистика на транспортот но, ова ниту една од институциите не го потврди. По распитот во обвинителство, ниту актерката Стојановска не сакаше да одговори на новинарски прашања.
Новинарите ја прашуваа дали е точно дека е осомничена за трговија со дрога, но таа не сакаше да коментира . Од МВР, вчера, кратко одговорија: „кога ќе дојде време, ќе бидат презентирани сите информации“, за истрагата координирана со повеќе земји. Апсењата и притворите се држеле во тајност, а истрагата први ја разоткриваат македонските истражни органи, бидејќи законите во земјава не дозволуваат повеќе од 24 часа да задржуваат сомнителни лица во полициска станица.
Дознаваме дека и во Шпанија се уапсени луѓе вмешани во шверцот со кокаин. Меѓу нив е и братот на овде притворениот кој поседувал белгиски и македонски пасош, а престојувал во Мадрид, но законите во Шпанија дозволуваат подолг период пред тие да бидат притворени.
Засега официјално е потврдено дека акцијата е меѓународна, учествуваат неколку европски полиции, ја водат Шпанците, а патот на дрогата го следеле американските служби за борба против шверц на дрога.
Стојановска и браќата Будисаљевиќ, наводно, се само алка во обидот во Шпанија да се внесат три тони колумбиски кокаин кој пред три недели заврши во рацете на полицијата. Сокриен патувал, наводно, во подморница долга 22 метри. Требало да заврши на улиците во Велика Британија, а шверцерите планирале да заработат 100 милиони долари. Подморницата, наводно, превезувала три тони, а македонските државјани, неофицијално, се поврзуваат со 700 килограми или помало количество.
„Кога ќе дојде време, ќе бидат презентирани сите информации“, е краткиот одговор што го добивме од МВР.
Судија на претходна постапка на македонската актерка вчера ѝ одреди 30 дена куќен притвор. Нејзината ќерка, исто така актерка, која сега со сопругот живее во Букурешт, по притворањето на нејзината мајка за медиумите изјави оти „мисли дека се работи за недоразбирање“ и дека чека да ја пуштат за да дознае што се случило.