Кој ги лаже пензионерите само за да ги добие нивните гласови?

Според економските експерти, ветувањата се претерани, нереални и носат ризик за зголемување на буџетскиот дефицит. Според нив, ветувањата за зголемување на пензиите не се реално остварливи и се само бројки што политичките партии ги вадат од ракав за да добијат повеќе гласови од пензионерите. Тие сметаат дека покачувањето на пензиите може да биде реално само во случај кога би се покачил стандардот, односно кога би имале зголемување на платите, вработеноста, намалување на сивата економија...

1084

Не престануваат предизборните ветувања за повисоки пензии. Едните ветуваат линеарно зголемување на пензиите од 5 000 денари и враќање на достоинството на пензионерите. Други, пак, континуиран раст на пензиите, со кој просечната пензија би достигнала 500 евра до 2028 година, минималната – 20 000 денари и финансиски пакети од по 100 евра за пензионерите од државата. Но, дали се реално остварливи овие ветувања за зголемување на пензиите или се само бројки што политичките партии ги вадат од ракав за да добијат повеќе гласови од пензионерите? Според економските експерти, ветувањата се претерани, нереални и носат ризик за зголемување на буџетскиот дефицит.

Деновиве бевме сведоци на препукувања на социјалните мрежи меѓу вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, и претседателот на Советот на Град Скопје и универзитетски професор од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, за тоа кој каков модел на зголемување на пензиите нуди и кое решение е подобро.

Според Битиќи, со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку има линеарно зголемување на пензиите од 5 000 денари, за неколку години пензионерите би можеле да останат без пензии, бидејќи дефицитот во пензискиот фонд би достигнал 52 процента.

– Тоа значи дека половина од пензионерите или 175 000 пензионери да останат без пензија за некоја година. Сите оние што го поддржуваат овој предлог, се надевам дека го имаат предвид фактот дека станува збор за над 334 000 пензионери, што ќе предизвика нови обврски од 330 милиони евра годишно. Во суштина, ова ќе значи повторно враќање на времето кога повеќе од половина од парите за исплата на пензиите се исплаќаа од централниот буџет. Во 2016 г., имавме дефицит во Фондот на ПИОМ од 49 отсто, кој ние, како Влада, за седум години го сведовме на 32 отсто, а сега некој сака да го врати на 52 отсто – вели Битиќи.

Од друга страна, професор Трајко Славески, кој беше министер за финансии во претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, реагираше на ваквите критики, истакнувајќи дека просечната пензија треба да изнесува 60 проценти од просечната плата за пензионерите да бидат релативно задоволни. Тој смета дека предлогот за линеарно зголемување на пензиите е супериорен во однос на предлозите на СДСМ.

– Како по правило, во сите периоди на владеење на СДСМ по осамостојувањето, овој сооднос се менува на штета на пензионерите. Каков било модел за усогласување да применат, при што СДСМ-овците се склони кон често експериментирање, пензиите стагнираат во однос на зголемувањето на платите – вели Славески.

За економските експерти, ветувањата на политичките партии за зголемување на пензиите се претерани, нереални и носат ризик за зголемување на буџетскиот дефицит.

– Сето ова е политички маркетинг. Со оглед на тоа што пензионерите останаа верно гласачко тело во државата, политичките партии многу добро знаат дека, по изборите, тие веднаш ќе ги заборават ветувањата, па затоа може да им ветуваат сè и сешто. Од друга страна, имаме буџет, се полни со пари од граѓаните преку ПИОМ и Фондот за здравствено осигурување. На сите им е јасно дека не може да се наполни буџетот преку овие два фонда, поради што е потребна државна интервенција. Кога ветувате дека ќе ги зголемите пензиите, а немате пари во Фондот, тоа значи дека државата треба да префрли пари во буџетот за пензии. Тоа значи дека, во тој случај, ќе треба да се скратат парите што се наменети за други цели, како за образование, развој, инвестиции… – изјави за весникот ВЕЧЕР Абил Бауш, универзитетски професор.

Според него, покачувањето на пензиите може да биде реално само во случај кога ќе се покачи стандардот, односно кога ќе имаме зголемување на платите, вработеноста, намалување на сивата економија… Ако излезе некоја политичка партија и го каже ова, никој нема да гласа за нив. Затоа, многу е подобро да кажат дека ќе ги покачат пензиите прекуноќ.

И економскиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека државата досега не покажала интерес да им помогне на пензионерите, напротив ги гледа како финансиски товар.

– Пензионерите не треба да очекуваат од политичките партии драстично да им помогнат и да им ги зголемат пензиите, бидејќи буџетот не е бунар без дно од кој може да се црпат средства неограничено. Власта не покажува реален интерес за оваа група луѓе, и го покажа тоа преку низа активности. Реално, државата ги гледа нив како финансиски товар. Да покажеше реален интерес за таа категорија, немаше да ги зголеми своите плати за 78 отсто и да троши на непродкутивни, коруптивни зделки, глупи кампањи за членство во ЕУ… туку ќе ги пренасочеше тие средства во поддршка на ранливите категории, во кои спаѓаат голем дел од пензионерите. Се надевам барем дека дел од ветувањата дадени од опозицијата ќе им помогнат на пензионерите. Но, сепак, нереално е да се очекува дека ќе пораснат пензиите одеднаш. Едноставно, буџетот е празен, а обврските се големи и само растат. Верувам дека со правилно менаџирање ќе се подигнат пензиите, но не во обем што навистина им е потребен ним – изјави Пекевски за ВЕЧЕР.

И другите економисти сметаат дека зголемувањето на пензиите носи ризик за зголемување на буџетскиот дефицит и оти не може да се очекува зголемување на пензиите прекуноќ.

(А.С.)