Коце Трајановски е назначен за в.д. директор на ЈП за државни патишта откако новиот Управен одбор го разреши досегашниот директор, Ејуп Рустеми, кој беше на чело на ова јавно претпријатие oд 2020 година.

Трајановски ќе раководи со едно од најпрофитабилните јавни претпријатија под државна капа кое „растура“ од пари, има одличен профит, иако и доста троши. Според податоците што се објавени на веб сајтот на Министерството за финансии, минатата година ова јавно претпријатие направило приходи од 209 милиони евра, трошоците му биле 108 милиони евра и годината ја има завршено со добивка пред оданочување од 101 милион евра.

Добивката на ова ЈП од година вгодина постојано расте и со тоа ова претпријатие го прави да биде едно од ретките во сопственост на државата што секоја година се наоѓа на листата со најпрофитабилни компании и секогаш меѓу првите десет по остварената добивка. ЈП за државни патишта управува со државните патишта во земјава, но и се задолжува и инвестира во изградба на патишта, врши и наплата на патарините, односно кај него се слеваат надоместоците за користење на јавните патишта во земјава.

Најголем процент од приходите ЈП ДП има од наплата на патната такса за користење на автопатиштата. Така, само од патарина во 2021 година биле собрани 46 милиони евра, а во 2022 година – 53 милиони евра. Лани, пак, биле собрани рекордни 62 милиона евра, а тој нагорен тренд продолжил и во првите пет месеци од 2024 година, кога од патната такса биле инкасирани 23,6 милиони евра.

Овие бројки потврдуваат дека во првата половина од годинава многу се патувало во земјава, што било причина да се инкасираат одлични приходи од нивната наплата. Плановите се оваа 2024 година ЈП за државни патишта да собере 200 милиони евра приходи, но да направи двојно помалку расходи (54,3 милиони евра) и да му остане добивка пред оданочување од 145,5 милиони евра.

Во тоа претпријатие се слеваат и државните пари (за оваа година се планирани да 90 милиони евра од акциза од нафтени деривати) кои потоа одат за плаќање на патиштата. Додека, пак, за задолжувањето што го прави претпријатието, гарантира државата. И оваа година се очекува најголем процент од приходите да дојдат токму од наплата на патарини во износ од 4,4 милијарди денари (71,5 милиони евра).

Што се однесува до инфраструктурните проекти, Трајановски во наследство од Рустеми го добива дозавршувањето на автопатот Кичево – Охрид, како и реализацијата на проектот за изградба на коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Букојчани), но и коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола).

Во годишната програма предвидени се 1,696 милијарди денари (27,5 милиони евра), пренесени средства од Буџетот за 2023 година за реализација на на проектот за изградба за четирите автопатишта.

Значи, има пари, но и многу работа во ЈП за државни патишта со кои треба да се справи Трајановски. Последната јавна функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје, кога во 2009 година, на локалните избори, го победи Трифун Костовски. Градоначалничкиот мандат во Скопје му траеше до 2017 година, кога загуби на локалните избори од Петре Шилегов.

Претходно, до 2005 година, Трајановски беше градоначалник на Општина Гази Баба. Во 1998 година, тој беше избран за пратеник на мнозинската листа на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2002 година за пратеник на пропорционалната листа на ВМРО-ДПМНЕ. Го прекина мандатот поради новата функција – градоначалник на Општина Гази Баба.

(С.Бл.)