Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски нема информација каде е поранешниот вицепремиер Артан Груби, но, вели, во тек е истрага. Тврди дека „кртот“ кој ја проби истрагата за Државна лотарија не е од обвинителството. За екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во друг случај, не барале притвор оти казната е до 5 години затвор.
-Во моментов Јавното обвинителство нема податоци каде се наоѓа осомничениот Артан Груби, меѓутоа во однос на бегството можам да кажам дека од страна на ЈО имаше до сите царински органи ставено СТОП мерка што значи дека тоа беше неколку денови пред неговото излегување од државата. Од она што го слушнавме од министерот се работи за човечки фактор и начинот на кој што поминал го истражува МВР, со тоа што против надлежниот службеник и некои други лица доставена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и се постапува по истата. Се преземаат процесни дејствија за тоа кој се евентуално се пропустите на надлежните полициски службеници во однос на тој дел, вели Коцевски во недленото интервју за Радио Слободна Европа.
Во однос на тоа дали обвинителството се сомнева дека Груби имал некаква помош. Покрај постапките на полицискиот службеник, Коцевски вели дека ЈО не може да се сомнева се додека нема докази. Запрашан дали има информации дали е пробиена целата акција со оглед на тоа што и уште еден од осомничените е избеган и не се знае каде е, државниот обвинител појаснува дека во предистрага Обвинителството дало наредба за мерката стоп, и во тој момент не можело да даде друга евентуална наредба за построга мерка, со оглед на тоа дека се уште било во фаза на предистражна постапка.
-Од страна на Финансиската полиција и од страна на МВР беа доставени две пријави со тоа што ЈО постапи по истите, оформи предмет и ги презема сите дејствија со тоа што даде наредба за претрес кај сите потенцијални осомничени и тој претрес се изврши меѓутоа во моментот на вршењето на претресот Груби не беше во државата. Иста е состојбата и кај другиот осомничен Перпарими, вели Коцевски во интервјуто.
За втората постапка во која е осомничен Груби, за влијанието во судскиот процес Таргет – Тврдина, Коцевски вели дека оформил предмет по допрен глас по ставањето на Груби на црната листа на САД, се преземаат дејствија, но не може да сподели никакви податоци во моментов.
Во однос на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој како осомничен во акцијата „Адитив“ исто така е во бегство, а за него не е изречена мерка притвор, Коцевски појаснува дека тоа е така затоа што се работи за дело со казна до 5 години затвор, за која не може да се предложи мерката притвор.
-За него Обвинителството за гонење организиран криминал утврди дека од дејствијата во текот на постапката што беше обезбедено утврди дека може да се работи за дело со казна до 5 години затвор. Тоа значи дека за ова дело не може да се предложи притвор меѓутоа во моментот на претресот тој не бил достапен и се уште по мои сознанија до ден денес од страна на МВР не е доставено официјално известување до обвинителството дека Ковачевски е недостапен во државата. Последна информација ми е доставена дека се уште нема известување официјално од обвинителството дали Ковачевски е достапен на државните органи. Можеби министерот доставил до судот а нас судот не ни доставил, вели јавниот обвинител.
Изминатиот период се почесто осомничени не се достапни за органите на прогон. Таков е случајот и со акцијата за групата Беланоца, каде петмина не се достапни. Републичкиот јавен обвинител гарантира дека од страна на ЈО не протекуваат никакви информации за тоа што тие предистраги, тие мерки за следење со месеци биле активни и претходно и ниедна не пробила.
-Акцијата е пробиена во завршна фаза односно ден два пред да се преземе официјално акцијата. Токму и на таа околност ЈО и сега истражува да дознае „кој е кртот“ на пробивање на акцијата, меѓутоа ете успеа два дена пред планираното да спроведе акција и дел од осомничените да ги уапси.