Костадиновски смета дека ако имаме стабилна демократија, одлуката на судот не треба да ги наруши политичко етничките односи. На прашањето за предметот, познат како балансер, тој вели дека од Судот може да се очекува расправа во која ќе се презентираат и ќе се судрат уставно-правни факти и аргументи и одлука која ќе биде издржана и исклучиво уставно втемелена и аргументирана.
Уставниот суд е на потег да донесе уставно-правни и аргументирани одлуки и за Законот за јазиците и за балансерот, изјави во интервју за МИА претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.
Тој смета дека со Законот за јазиците политиката создала хаос, кој потоа резултирал со политички хаос, недоверба и дилеми.
-Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам, изјави Костадиновски.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година. Тој вели дека се свесни за јавниот интерес и за можните последици ако Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој Закон или да интервенира во одредени одредби.
Тој смета дека одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, и ориентир за делување на законодавецот.
-Факт е дека Законот се применува и дека создава проблеми во примената и од тој аспект од први септември со стапувањето во сила на новиот Акт на Судот, за да не настапат штетни последици за граѓаните, Уставниот суд има можност со евентуална одлука за поведување постапка да одреди временски рок во кој законодавецот треба да се усогласи и да ги отстрани евентуалните уставно проблематични одредби во рок не подолг од шест месеци. Јас не можам да предвидам дали до тоа ќе дојде!, додава Костадиновски.
Костадиновски смета дека ако имаме стабилна демократија одлуката на судот не треба да ги наруши политичко етничките односи.
– Не може бројни политички актери претпладне од уста да не ја вадат заложбата за правна држава, за владеење на правото, за европски стандарди, а попладне да ги етикетираат одлуките на Уставниот суд како политички, етнички, верски, итн. Не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира или одликите на Судот да се повод за некоја политичка тензија. Крајно време е да прејдеме во зрела демократија, од која бенефит ќе имаат сите граѓани без исклучок, изјави Костадиновски.
Смета дека одлуките на Судот не треба да се гледаат како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, туку треба да бидат прифаќани и да бидат ориентир за дејствување согласно наодите на Судот за сите останати власти, законодавна, извршна, судска, монетарна или локална. Да им помогнат, нивните дејствија, прописи или одлуки бидат усогласени со Уставот.
На прашањето за предметот, познат како балансер, тој вели дека од Судот може да се очекува расправа во која ќе се презентираат и ќе се судрат уставно-правни факти и аргументи и одлука која ќе биде издржана и исклучиво уставно втемелена и аргументирана. Смета дека само и само доколку секоја од властите правилно го разбере и го почитува начелото на поделба на власта кое е темелна вредност на нашиот уставен поредок, се придржува до надлежностите и овластувањата, ние можеме да зборуваме за правна држава во која владее правото, само така довербата на граѓаните во институциите на системот ќе биде повратена.
– За жал, нашата уставна реалност, нашата стварност говори нешто сосема друго, односно говори дека предолго време наназад прекршувањето и отстапувањето од оваа темелна вредност резултираше со девастирана правна држава и огромна, историски највисока недоверба на граѓаните во институциите на системот, изјави Костадиновски.
Според него, само правно аргументирана и образложена одлука може да влијае на довербата на граѓаните во владеењето на правото.