Корона вирусот мирува, мируваат и цените на маските и средства за дезинфекција

И покрај тоа што потрошувачите по социјалните мрежи изминативе денови се жалеа дека драстично се зголемени цените на заштитни маски, алкохол, средства за дезинфекција, како и на некои прехранбени производи сепак инспекциите на терен го покажаа спротивното. Државниот пазарен инспекторат и министерот за здравство информираа дека нема зголемување на цените на овие производи

318

Граѓаните изминатиов период реагираа дека во маркетите и аптеките цените на многу производи кои ги набавуваа во голем обем поради страв од ширење на корона вирус во државата се зголемени. Меѓутоа од Државниот пазарен инспекторат ја смируваат ситуацијата и велат дека засега нема зголемувањето на цените на заштитни маски, брашно, масло за јадење, средства за дезинфекција и слично. Оттаму информираат и дека до овој момент не се поднесени претставки од потрошувачи за зголемени цени на овие производи.

Директорот на Инспекторатот Стојко Пауновски за весникот ВЕЧЕР изјави дека и покрај тоа што засега нема злоупотреба на ситуацијата од страна на маркетите, аптеките и веледрогериите инспекциските контроли на терен ќе продолжат и во наредниот период.

-Направени се инспекциски контроли низ маркетите, аптеките и веледрогериите низ државата. Засега нема промени на цените поради корона вирусот, но инспекциите на терен ќе продолжат и понатаму. Сите оние кои ќе се обидат да ја злоупотребат ситуацијата со корона вирусот, односно да ги зголемат цените на некои производи ќе бидат казнети за измама на потрошувачите, изјави директорот на ДПИ, Пауновски, и додаде дека постои Закон за заштита на потрошувачи кои мора да се почитува.

Според него, аптеките, маркетите и веледрогериите се спречени да ги зголемуваат цените откако Владата донесе одлука за вонреден инспекциски надзор на цените на овие производи.

Од Инспекторатот велат дека во наредниот период ќе извршат инспекциски надзори кај операторите кои вршат продажба на овие производи, бидејќи при контролите  инспекторите на терен добиле информации дека некои производители на масло за јадење и две фирми увозници на заштитни маски најавиле зголемување на цените.

Министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција потврди дека нема зголемување на цените на заштитни маски, алкохол и средства за дезинфекција.

-При крај се контролите на аптеките во врска со наводите за зголемени цени на средствата за заштита. Според досегашните согледувања нема зголемување на цените, но целосната состојба ќе биде позната по завршување на контролите, посочи министерот за здравство.

Инаку во моментов заштитните маски, средства за дезинфекција и заштитни ракавици се сè уште дефицитарни по аптеките, а фармацевтите не знаат кога ќе пристигнат нарачаните количини. (А.С.)