Короната ги избрка луѓето од зградите – викендичките и вилите се рентаат и до 3.000 евра месечно!   

3153

Цвета бизнисот со изнајмување на викендички, вили и куќи во елитните населби во околината на Скопје, откако скопјани посакаа да побегнат од своите станови. Ако овие објекти пред корона-кризата се рентале по сто евра дневно или 1.000 евра месечно, сега газдите бараат двојно повисока цена. Во другите градови во внатрешноста, барем официјално не е регистрирана  ваква појава.

– Речиси се е издадено во околината на Скопје уште пред Велигден. Од цените боли глава. Ако пред кризава викендичка за еден ден се ренташе под сто евра, сега газдите бараат двојно повеќе бидејќи има голема побарувачка – изјави за весникот ВЕЧЕР скопјанецот Предраг А. кој живее во стан

Состојбата со корона-кризата, која наметна ограничување на движењето на луѓето и прогласениот неколкудневен полициски час за време на празниците, во текот на април го раздвижија бизнисот со изнајмување на вили, куќи и викендички. Особено ова е најизразено во Скопје каде што повеќето скопјани со подлабок џеб становите ги заменија со уживање во природа, макар само за викенд, како што е овој првомајскиот иако, Владата, овој пат не прогласи целосна забрана за движење, како што беше за велигденските празници.

– Речиси сè е издадено во околината на Скопје уште пред Велигден. Од цените боли глава. Ако пред кризава викендичка за еден ден се ренташе под сто евра, сега газдите бараат двојно повеќе бидејќи има голема побарувачка – изјави за весникот ВЕЧЕР скопјанецот Предраг А. кој живее во стан.

Ако се погледнат порталите кои рекламираат продажба на недвижности, ќе се забележи дека најмногу се рентаат вили и куќи во елитните населби Бардовци и Злокуќани, потоа во Марков манастир и Маркова сушица, Сопиште, Долно Соње на јужните падини на планината Водно. Повеќето од нив се ексклузивни вили и куќи, опремени со современи кујни, клима, паркинг и базени и се идеално место за поминување на викенди, родендени, но и за момински и ергенски забави.

– Пред корона кризава ваквите вили се нудеа од 1.000 до 1.200 евра за еден месец, а откако побарувачката порасна, сега се рентаат од 2.000 до 3.000 евра. Зошто е тоа така, ќе ви кажам еден пример. Сопственикот на вила во Варвара ја издаваше за сто евра на ден, сега бара двојно повеќе, а тоа го правда дека многу го чинела  комплетната дезинфекција на дворот и на вилата – вели Предраг А.

Тој напомена дека се заинтересирал и за вилите и куќите што се изнајмуваат покрај брегот на велешкото езеро „Младост“, бидејќи се само на половина час од Скопје. Таму за еден ден да се изнајми викендичка газдите бараат од 40 до 60 евра.

Од Агенциите за недвижности што ги контактиравме потврдуваат дека газдите што ги изнајмуваат своите вили и куќи ја користат ситуацијата и неосновано ја покачуваат рентата. Сопственичката на Агенцијата за недвижности „Каса миа“, Катерина Тодоровска, вели дека работи од дома, но внимателно ја следи ситуацијата на пазарот на недвижности и гледа како се злоупотребува.

– Да, упорно се бараат викендички за изнајмување. Одредена категорија луѓе мораат да излезат од становите, имаат болни деца на кои им е потребно движење во двор, во природа. Ама од друга страна да бараш 300, 400 евра за изнајмување на три дена е премногу. Некој не може тоа да си го дозволи – вели Тодоровска.

Таа, како и впрочем голем процент од останатите агенции за недвижности ги затвориле канцелариите бидејќи немале работа. Најавуваат дека по првомајските празници повторно ќе почнат со нормална работа.

– Забележувам дека во последниве четири-пет дена има благо раздвижување на пазарот на недвижности. Има побарувачка за купување на куќи и вили, што говори дека луѓето го видоа бенефитот од тоа да имаш двор. Уште пред кризата прогнозирав дека ќе се раздвижи пазарот, особено на продажба на куќи, но ми се смееја – вели Тодоровска за весникот ВЕЧЕР.

И од агенциите „Грин хаус“ и „Партенон“ изјавија дека изминативе еден ипол месеци имало застој на пазарот на недвижности.

– Иако работев од дома, сепак на телефон ми се јавуваа заинтересирани за постари огласи што ги имаме објавено за изнајмување и за купување на викендички вили и куќи за во Соње, Сопиште и на други локации на периферијата на Скопје. Планирам наскоро да се вратам на работа и да се врати се во нормала како пред кризата – ни рече Марина Петровска од „Грин хаус“.

– На стенбај ни е работата изминатиов месец околу огласите за продажба на станови, бидејќи никој не сака да прими луѓе дома. Очекувам по првомајските празници да има поголемо олабавување на мерките и да почнеме да работиме – вели Малинка Петровска од Агенцијата „Партенон“.

За разлика од Скопје, во внатрешноста на Македонија состојбата е поинаква. На југот на земјава, во нашиот туристички бисер Охрид, речиси и да нема изнајмувања на вили и куќи. Сопственичката на Агенцијата „Капитал консалтинг“, Наташа Спасеска-Цветкоска вели дека Охрид е празен и дека нема забележително раздвижување на пазарот на недвижности.

– За жал, кај нас во Охрид нема култура за изнајмување преку агенции. Континуирано продаваме куќи, но во изминатиов месец не сме забележале дека има нагорен тренд. Тешко се продаваат куќи во Охрид, освен оние од стариот дел на градот, но и покрај крајбрежјето со поглед на езерото, што се интересни за странци и оние кои имаат пари да купуваат. Во Охрид акцентот е ставен на становите. На Бога му се молиме да остане трендот на продажба на станови, бидејќи, покрај туризмот, тоа е движечката сила на градот, инаку Охрид би станал како Ресен или Кичево. Пред три години Охрид беше трет град во Македонија по продажба на недвижности – ни рече Спасеска-Цветкоска.

На истокот од земјава, состојбата е сосема поинаква. Од Агенцијата за недвижности „Ентер – Екстер“ од Штип, ни изјавија дека во најголемиот град во источниот регион, нема класично рентање на вили и куќи, како што е во Скопје.

– Не можеме да се споредуваме со главниот град бидејќи другите градови во внатрешноста се паланки. Луѓето по малите градови се собираат по приватни вили на другари, пријатели и роднини. Во Штип, на пример, имаме цела викенд-населба каде што луѓето се групираат и се организираат за забави или пикници на свои познаници. Исто така, не само штипјани туку и од другите градови од истокот ги поминуваат викендите во Берово, на Пониква, Плачковица или кај баби и дедовци по селата, како што на пример, тоа го прават струмичани – во телефонски разговор за весникот ВЕЧЕР изјави сопственикот на оваа агенција, Зоран Ангелов.

Тој се насмеа на нашето тврдење дека на „Фејсбук“ се објавуваат статуси дека во штипско за првомајските празници се рентаат викендички по 300 евра за три дена.

– Нема клиенти во Штип што би платиле 300 евра. Цените се набилдани и кој и да го бара тоа ќе му се изнасмеат. Ние не сме Њујорк. Да кажевте дека станува збор за вили во Берово или на Пониква, тоа е веќе друга работа – вели Ангелов.

За среќа, 1 Мај и деновите од викендот нема да ги поминеме во 24-часовен карантин. За лицата над 67-годишна возраст, в петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 5 часот наутро до 11 часот. Сите деца и млади лица до 18 години, в петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12 до 14 часот. За останатите слободно време за движење е од 5 часот наутро па сè до 14 часот.

Светлана Блажевска