Оркестарот на Македонската филхармонија вечер, 14 ноември (20 ч) ќе го одржи концертот насловен „Наостри ги сетилата“ на кој како солист на усна хармоника ќе настапи Роберт Бонфиљо од САД, а диригент е Борјан Цанев.
На програмата се дела „Музичка жртва“ од Стојче Тошевски, Концертот за усна хармоника и оркестар од Х. Вила –Лобос и „Болеро“ и „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.
Роберт Бонфиљо е познат како „Паганини на усната хармоника“. „Лос Анџелес Тајмс“ го нарече така и со право овој виртуоз на усна хармоника ја воодушевува публиката ширум светот: Карнеги хол, Холивуд боул, Гевандхаус, Центарот Кенеди, Бостонската симфониска сала, Линколн центарот…, со неговата способност да изведува концерти на хармоника од сферата на класиката, но и да блеска со блуз…, велат од Филхармонија.