Во рамките на втората, есенска сезона на 47. фестивал на современа музика „Денови на македонска музика“, на 17 септември, во Малата сала на Филхармонија, во 20 часот концерт ќе одржи пијано дуото Јасмина Трајческа од Македонија и Ловорка Немеш Дулар од Словенија. На концертот ќе бидат изведени дела за две пијана од реномираните македонски композитори Томислав Зографски (1934–2000) и Стојче Тошевски (1944–2008), со што ќе бидат одбележани два значајни јубилеја: 90 години од раѓањето на Зографски и 80 години од раѓањето на Тошевски. Покрај македонските творби, програмата вклучува и дело на словенечкиот композитор Јанез Матичич (1926–2022).
„Овој концерт претставува единствена можност да се доживеат значајни дела од македонската и словенечката музичка традиција, виртуозно изведени од реномирани изведувачи. Концертот ќе го слави богатото музичко творештво на двете држави преку длабоки и впечатливи изведби, кои ќе понудат свеж поглед на делата на овие истакнати композитори“, се посочува во најавата за концертот.
Јасмина Трајческа има повеќе од две децении активна концертна кариера, настапувајќи на рецитали и фестивали во Словенија, Бугарија, Италија, Франција и други земји. Била гостин на фестивали како „Eurochestries“ во Франција, „Makarska Summer“ во Хрватска, и „Imago Sloveniae“ во Љубљана. Настапувала и на јубилејни концерти во Македонија, меѓу кои „Балканска рапсодија“ и „Словенски воз“. Работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Ловорка Немеш Дулар е музичарка со широк дијапазон, посветена како на солистичкото, така и на камерното музицирање, педагошката работа и музиколошката активност. Особено ја привлекуваат ретко изведувани и нови музички дела, а нејзината аналитичност и љубопитност ѝ овозможуваат да ја истражува музиката од различни аспекти. Настапувала на многу фестивали во Словенија и низ Европа, како „Фестивал Љубљана“, „Imago Sloveniae“, „Сараевска зима“ и „Есенски музички свечености“ во Скопје, како и во Естонија, Финска и Италија.
Влезот на концертот на пијано дуото Трајческа – Немеш Дулар на „Деновите на македонска музика“, е слободен.