Нашите истакнати македонски пијанисти, проф. д-р Ангеле Михајловски и проф. д-р Татјана Џорлева, вечерва, 24 октомври 2024 година (четврток) во Македонскиот културен центар во Истанбул ќе одржат концерт во Истанбул.
На програмата ќе бидат изведени дела од Григ, Јанкоски, Сен-Санс, Леон и Коларовски, нудејќи разновиден и возбудлив избор на класични композиции.
Татјана Џорлева е пијанистка од Македонија. Дипломира пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стела Слејанска – Стојаноска. Магистерските студии по пијано ги завршува со највисок просек на истиот факултетот. По магистрирањето, Татјана Џорлева го продолжува своето усовршување на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што ја завршува Докторската дисертација по пијано интерпретација, исто така под менторство на проф. Стела Слејанска – Стојаноска, a научно истражувачката дејност на докторатот ја работи кај  проф. Димитрије Бужаровски.
Во текот на своето образование работи со врвни педагози од кои се издвојуваат проф. Акилес Дел Вињ (Салзбург), Mарчела Крудели (Италија), Рита Кинка (Србија), Andrej Diev (Русија), Наташа Вељковиќ итн.
Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои се издвојуваат  неколку први награди на републичко ниво и втора награда на Интернационалниот музички натпревар “Интерфест” во Битола.
Татјана Џорлева како солист реализира бројни концертни настапи, како во својата земја така и на европската сцена. Како солист одржува концерти во: Црква Св. “Северин”- Париз (Франција),  “TeatroGurcci” Барлета- Италија, Рим-Италија, “Вила Медичи” – Милано, Салцбург (Австрија), Лондон (Англија), Софија, Загреб, Белград, концерти низ повеќе градови во Македонија и концерти во рамките на фестивалите “Штипско лето”, “Скопско лето”, “Охридско лето”, “Музика Вива”, “Балкански класичен музички фестивал”, фестивал за современа музика “Модоарс”, “Денови на Македонска музика”, “Шопенова вечер”. Татјана Џорлева како солист учествува и на бројни концертни настани во организација на Францускиот културен центар, Британскиот совет, Културно информативниот центар итн. Остварува голем број соработки со македонски композитори (Бужаровски, Коларовски, Зогравски, Гајдов, Темков), промовирајќи ја современата музика во Македонија и надвор од неа.
Татјана Џорлева реализирала снимки за потребите на интернет радиото на ФМУ-Скопје и за Македонската Радио Телевизија – Скопје. Соработува и со камерни состави со кои настапува  во својата земја и пошироко. Член е на квартетот “Фонетико” – две пијана и двајца перкусионисти, со кој постигнуваат голем успех на концертната сцена. Од 2015 година формираат дуо со својата колешка Марија Илиева – виолина, со која активно настапуваат во Македонија. Татјана Џорлева е активен член во клавирското дуо Гацева–Џорлева. Првата турнеа е остварена 2004 година во Македонија, со концерти на Скопско лето, Штипско културно лето и други градови низ Македонија. Последната турнеа е реализирана во 2017 година, a две години подоцна настапуваат во рамиките на Фестивалот “Охридско лето”.
Џорлева е дел и од клавирското дуо Џорлева–Потевска. Покрај бројните настапи се издвојува освоената прва награда и златен медал во категорија за возрасни, на интернационалниот Музички фестивал ”Култура и музика” Барлета-Италија. Како заеднички успех се издвојува и Балканската турнеа во 2010 година за промоција на македонската современа музика и македонската култура, со високо оценетите целовечерни концерти во Софија (Бугарија), Нови Сад, Белград, Шабац (Србија), Скопје, Штип, Охрид и Битола – “Бит Фест” (Македонија). Во 2013 година  го издаваат и своето заедничко ЦД за пијано 4 раце.
Татјана Џорлева работи како професор по пијано, камерна музика и методика на наставата по пијано на Факултетот за музичка уметност во Штип. Има изготвено повеќе рецензирани скрипти по методика на наставата по пијано за потребите на студентите, а во тек е изданието на нејзината книга “Пијанизмот во делото Дваесет погледи кон детето Исус” од Оливие Месиан.
Ангеле Михајловски е роден 1982 година во Охрид, каде го завршува основното музичко училиште. Средното музичко образование го продолжува во Штип во класата на проф. Јасминка Бикова. Студиите ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Стела Слејанска, период во кој се стекнува со огромно пијанистичко искуство, земајќи учество на повеќе државни и меѓународни натпревари каде освојува вредни награди. Веднаш по дипломирањето се вработува во Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип како професор по пијано и корепетиција. Во тој период, под менторство на проф. Слејанска ги запишува магистерските студии кои успешно ги завршува во 2010 година. За време на студиите бележи бројни солистички, камерни концерти во Македонија, но и во други држави како Србија, Бугарија, Чешка, Франција, САД итн. Од 2010 година е член на музичкиот состав „Портал“ со кој успешно реализираат повеќе проекти и концерти.
Од 2007 година Ангеле Михајловски е вработен на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде работи како професор по пијано. Во 2015 година ги запишува докторските студии по пијано во класата на проф. д-р Ана Гацева, на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на подготовката на изведувачкиот дел, реализира повеќе концерти во земјата и странство. Во 2019 година ја одбранил докторската дисертација со наслов „Пијанизмот во три избрани сонати од композитори на 20 век“ под менторство на проф. д-р Викторија Коларовска – Гмирја.
Од септември 2017 година е организациски раководител на дувачкиот оркестар Проарт од Штип, со кој реализираат бројни концертни активности на важни настани и фестивали.
Денес е редовен професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.