Во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“, Пламенка Трајковска – гудачки квартет, на 21 ноември (четврток) со почеток во 20:00 часот, во Музејот на македонската борба, ќе одржи концерт со наслов „Балканско патување“. Во гудачкиот квартет учествуваат музичарките: Пламенка Трајковска на виолина, Милена Гиевска-Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Аранжманите за гудачки квартет ги подготви Пламенка Трајковска.

Концертот „Балканско патување“ претставува музичко-истражувачки проект, во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на регионот, а за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користени како основа за создавање нови композиции со гудачки квартет.

Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи, и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет; заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот и аранжманскиот пристап, кој има цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики, кои имаат само еден наслов – Балканска композиција.