Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва со почеток во 20 часот, ќе ја отвори новата концертна сезона насловена „80 години – Љубов!“. На првиот концерт насловен „Будење“ како солист ќе настапи еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена – Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригенти е Бенџамин Шварц од Израел/САД.

Присутната публика ќе има можност да ужива во изведбата на Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и Извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Виолинистот Барнабаш Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Различен и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции. Во последните неколку години, Келемен работи и како диригент. Поседува филигранско чувство за креирање стил и поседува неверојатна техничка подготвеност која му дава сигурност да изведува комплексни дела од виолинската литература. Неговиот репертоар е диверзитетен, изведува дела од раниот барок, класиката, дела од романтизмот, како и современа музика.

„Диригентот Бенџамин Шварц е сензација. Со неговата чиста енергија, перфектна техника во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук“. Ова се дел од зборовите со кои критичарите го опишуваат харизматичниот диригент Бенџамин Шварц, кој, како што оценуваат, „има јасна визија во своите интерпретации“.