Конфискуваниот имот на Мијалков за кратко ќе биде на јавно наддавање-Отчет преку Фејсбук на новиот Директор на Агенцијата за управување со одземен имот

76

Конфискуваниот имот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков за кратко ќе биде објавен на јавното електронско наддавање кое Агенцијата ќе го изработи согласно законот и по согласност на Владата, соопшти денеска новиот директор на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу во извештајот за стоте дена од работата.

-За неколкуте мошне актуелни случаи за конфискација, веднаш преземав иницијативи со дадена поддршка и соработка од Министерот за правда г-дин  Кренар Лога и преземавме активности за нивно обелоденување и што поскоро нивно извршување. Имено, станува збор за: случајот “Империја” во врска со имотот на Сашо Мијалков, случајот „Труст“ или познат меѓу народот како Трансмет и  случајот ,, Бачило” или познат како Иснифарис Џемаили, се вели во извештајот кој новиот директор на Агенција го објави на својот Фејсбук профил.

Тој во извештајот посочува дека во рамките на моделот за социјална реупотреба на донација за општествени цели, за период од три месеци на државните институции  бесплатно им отстапиле 45 автомобили, додека запленетите количини на храна и овошје од акцијата на МВР, Државниот пазарен инспекторат и  Финансиската полиција, исто така била донирана во институции.

Вработените во Агенцијата со години се чувствувале деградирани, пишува Небиу во извештајот, а со неготово доаѓање за прв човек на оваа институција овозможил „унапредување според меритократијата, како и ангажирав нов кадар неопходен за извршување на работата.“

-Се обврзав и да ја применувам двојазичноста во сите документи на Агенцијата, но за жал наидов на недостиг од кадар, имено немаме преведувач на македонски-албански јазик. Континуирано баравме од Министерството за финансии одобрување средства за вработување на преведувач, се со цел да се почитува принципот на двојазичност во институцијата.

За наредниот период, Небиу најави дека максимално ќе работел за подобрување на условите за работа во  Агенција и за нејзина дигитализација.

-Ќе работам и на други проекти за донација на предмети, опрема и стоки одземени од институциите во државата, се со цел сите тие да имаат корист како општеството така и јавните институции. Во рок од еден месец ќе следува и друга донација која ќе биде дистрибуирана во Општина Струга, Гостивар, Долнени, Шуто Оризари, Чашка.Нема да застанам тука, ќе продолжам да давам донации во секоја општина на Република Северна Македонија, стои во извештајот.