Шпекулациите околу составот на идната Влада викендов беа зачинети со остри коментари по социјалните мрежи, инспирирани од статусот на „Фејсбук“ на братот на Али Ахмети, Фекри, кој ги повика партиските лидери од албанскиот блок да се стремат кон Албанија. „Ооо, Албанци, соберете се денеска за единство, бидејќи само неразделни можете да напредувате. Знаење и слобода се стекнуваат само кога постои љубов, инаку тие исчезнуваат и живееме како партии, напиша братот на лидерот ДУИ, во видеообраќањето кога ДУИ не успеа да организира заедничка средба со лидерите на парламентарните партии на Албанците во Македонија.
Ден по објавувањето се огласи Фекри Ахмети. Напишал дека видеото не била никаква порака или говор на омраза туку рецитирал песна, од како што наведува големиот албански автор Асдрен.
И викендов, во недостаток на информации од партиските штабови, во јавноста кружеа истите шпекулации од типот дека преговорите се при крај и дека едната или другата страна попуштила, но партиите ниту демантираа, ниту потврдија. На прашањето на весникот ВЕЧЕР дали е направено извесно поместување од мртвата точка и од СДСМ и од ДУИ со ист коментар: „Генералните секретари имаа интензивни консултации и работата на постигнување коалициски договор за формирање нова влада со четиригодишен мандат“. Од двете партии потенцираат дека единствени точни информации околу консултациите се оние добиени од официјалните партиски лица вклучени во преговорите.
Велат дека по утврдувањето на коалициските принципи и определби, преговарачките екипи работат на хармонизација на изборните програми на двете партии во предлог-програма за работа на евентуалната идна Влада.
-Започна и процесот на разгледување на поделбата на одговорностите во идната коалиција како и на „предлозите за соодветни, подготвени, чесни и способни кадри, кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат“, информираа за весникот ВЕЧЕР од Бихаќка.
Консултациите меѓу двете партии започнаа откако во четвртокот шефот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Разговорите меѓу двете партии почнаа во четвртокот попладне, по врачувањето на мандатот, со тричасовна средба Заев со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, која во заедничко соопштение беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото“.
ДУИ од своја страна соопшти дека разговорите за формирање владина коалиција со СДСМ се одвиваат на различни партиски нивоа, изразувајќи уверување дека ќе дојдат до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат, која ќе биде изгласана во Собранието, ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.
Додека траат консултациите за формирањето нова влада, ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на својот став дека врачувањето на мандатот на Заев од страна на претседателот Пендаровски било противуставно.
Партискиот портпарол Димче Арсовски најави дека размислува за поднесе иницијатива за испитување на уставноста на постапката на шефот на државата.