Композиторот Григор Копров и пејачката Ана Петан имаат хит на фестивалот „Белградска пролет 2024“ 

431

Едвај чекаме да слушнеме….

Македонскиот хитмејкер, Григор Копров, продолжува да ја освојува публиката ширум поранешна Југославија и преку фестивалите. Па така, веќе овој викенд, на 20 април, а во пресрет на 1 мај, традиционално, во српската метропола, Белград, ќе се одржи забавно-музичкиот фестивал „Белградска пролет“. Фестивалот во некогашна Југославија донесе многу хит-шлагери, многу пејачи станаа популарни, а некои од тие песни се слушаат и денес како, на пример, онаа незаборавната „Април у Београду“ со Здравко Чолиќ.

Што се однесува до новите, кои допрва треба да се залепат за увото на публиката, ќе ја споменеме „Балада за ангел“. Тоа е песна за која музиката ја напиша Григор Копров, аранжманот е на Стефан Петановски, а текстот го осмислил Душан Бачиќ. На фестивалот „Белградска пролет 2024“, ќе биде испеана од девојката со бисерен глас, Ана Петан. Песната е особена по многу нешта. Најпрво, затоа што звучи многу моќно, поради супериорниот глас на Ана, а потоа поради тоа што е инспирирана од еден коментар на каналот Јутјуб, кој е напишан под песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, една од омилените со Тоше Проески. Коментарот е: „Када сам тужна – ти си ту, кад сам среќна – ти си ту, у сваком мом новом дану…“ стана рефрен на оваа балада, која потсетува на Тоше, на љубов со големи емоции.

Инаку, за Ана велат дека е пејачка со огромен потенцијал. Скорешниот настап на „Белградска пролет“ ќе биде одлична можност да ја слушнат и надвор од границите на Македонија. Публиката ѝ посакува успех и со нетрпение ги очекува нејзините настапи и на летните забавно-музички фестивали „Сунчане скале“, „Шибенска шансона“ и „Охрид-фест“.   Д.М.