Компаниите плаќаат најскапа струја во регионот, а власта се фали со нови енергетски проекти

Додека лидерот на опозицијата Христијан Мицковски обвинува дека македонските компании плаќаат најскапа струја во регионот, премиерот Димитар Ковачевски се пофали за новите енергетски проекти. Од опозицијата обвинуваат и дека за увоз на струја дневно се трошат 15 до 20 милиони евра и оти Владата со тоа што го објавува дневното производство на струја, создава впечаток кај граѓаните дека има контрола над кризата. Потврда за тоа дека се увезува струја е и податокот дека за еден ден АД ЕСМ набави 4.580 мегават-часови електрична енергија

69

Македонските компании според податоците на „Евростат“, во првата половина од 2022 година плаќале најскапа струја, споредено со земјите во регионот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека Владата не ја говори вистината кога зборува дека инфлацијата е увезена и дека ја субвенционира цената на струјата за граѓаните и стопанството.

– Имено, цената на струјата што ја плаќаат македонските компании е највисока во споредба со таа што ја плаќаат компаниите во Турција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Според „Евростат“, македонските компании во првата половина од 2022 година плаќале цена од 168,5 евра мегават-час и таа е повеќе од трипати поголема од цената на струјата што ја плаќале пред пет години во првата половина од 2017 година кога била 52,4 евра мегават-час и споредено со таа што ја плаќале компаниите во Турција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, вели Мицкоски.

Тој обвини дека со Владата на СДСМ македонските компании плаќаат за повеќе од трипати повисока цена на струјата споредена со периодот кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата обвинуваат и дека за увоз на струја дневно се трошат 15 до 20 милиони евра и оти Владата, со тоа што го објавува дневното производство на струја, создава впечаток кај граѓаните дека има контрола над кризата.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ дневно се покрива само од 37 до 63 отсто од дневната потрошувачка на струја во Македонија која изнесува над 16.000 МW/h. …

Се очекува цената на струјата да продолжи да расте, а потрошувачката да се зголеми и да достигне над 20.000 MW,h дневно. Оваа Влада имаше обврска во тек на минатата година да ги спреми капацитетите и да набави енергенси за да има стабилно производство на струја, но не го направи тоа. Цената која сите ќе ја платиме ќе биде огромна, обвинија од опозицијата.

Од Владата, пак постојано смируваат дека се подготвени за претстојната зима и покрај тоа што вчера ЕСМ увезе 4.580 мегават-часови електрична енергија. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера на панел-дискусија „Социјално-праведна енергетска трансформација на Европа”, реферираше за енергетските планови за излез од кризата.

Рече дека првата фотоволтаична централа „Осломеј“, со капацитет од десет мегавати, веќе е пуштено во употреба и оти се работи на втората, а со јавно приватно партнерство веќе се договорени две фотоволтаични централи од по 50 мегавати. Тој рече дека по пат на јавно приватно партнерство ќе бидат пуштени во употреба 2023 година 130 мегавати на фотоволтаични централи.

– Во Источна Македонија веќе се инсталираат, односно се монтираат 25 мегавати ветерна централа. Во текот на изминатиот месец беше пуштена најголемата од 17 мегавати централа во државата од страна на странски, словенечки инвеститор. Куриозитет е што таа централа од 17 мегавати е поголема од која било централа во Словенија, што значи дека секој инвеститор кој добро размислил знае дека подобро е да направите фотоволтаична централа во Северна Македонија, која има 270 сончеви денови со температура и движење на ветер кој овозможува најголема ефикасност на централите отколку да ги направите на друго место – рече Ковачевски.

Тој рече дека дополнително, по прв пат имаме понуда за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, која треба да биде најголем производствен капацитет од тој тип во регионот и да обезбедува балансирање не само за електроенергетскиот систем на Северна Македонија туку и за регионалниот.

Ковачевски информираше дека Владата веќе разговара со три инвеститори, едниот од Германија, ВПД, АКУО од Франција и Милитинеос од Грција. ВПД е во преговори за изградба на 400-мегаватна ветерна централа во североисточниот дел од Северна Македонија. АКУО за изградба на фотоволтаична централа исто така од 400 мегавати во штипскиот регион и Милитинеос за изградба на когенеративна гасна централа во Скопје, кои ќе треба да дадат дополнителна електрична енергија за државата.

(А.С.)