Компаниите освен сметководител и адвокат ќе мора да ангажираат ИТ- професионалци за да напредуваат

Дигитализацијата е потребна и во јавниот сектор и во приватниот сектор за да им олесни на граѓаните и компаниите. Дигитализацијата значи поефикасни, попродуктивни работници и поуспешни и поконкурентни компании. И покрај тоа што последните 20 години компаниите работат на дигитализација, сè уште заостануваме во однос на земјите во регионот каде што процесите на дигитализација се на повисоко ниво

4309

Секоја компанија ќе мора да ангажира ИТ-професионалци или компанија за да може да се носи со предизвиците на новото време. И од бизнис-секторот се согласуваат дека дигитализацијата е клучна за подобрување на нивното работење, односно зголемување на ефикасноста, продуктивноста, конкурентноста и зголемување на можностите за извоз. Но, поголем дел од малите компании не можат да си дозволат да ангажираат ИТ-експерт поради тоа што неговата плата е повисока од софтверот што треба да го набават. Дигитализацијата е потребна и во јавниот сектор и во приватниот сектор за да им олесни на граѓаните и компаниите.

– Не само во јавниот сектор, не само во државните институции, туку сметам дека како што денеска приватните компании имаат секој од нив ангажирано сметководител или адвокат, сега секој од нив ќе мора и ќе треба да ангажира и професионалец или ИТ-компанија за да може да се носи со предизвиците на новото време. И ако тоа не го направиле досега, ќе биде задолжително за да можат да се справуваат со предизвиците да го направат тоа од денеска па натаму, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на конференцијата „Бизнис и Влада: Усогласување за сигурна дигитална иднина“.

Од бизнис-секторот посочуваат дека сè уште сме на дното од регионот во поглед на дигитализација на процесите во компаниите.

– Не значи дека ако во една компанија воведеш целосно комјутерски процес си завршил со дигитализација. Тоа е долг процес и опфаќа повеќе сегменти. Така, на пример, ако поголем дел од процесите се дигитализирани тогаш ќе треба и работната сила да знае како да управува со тие дигитални процеси. Од друга страна, исто така треба да бидат дигитализирани сите процеси од производство, дистрибуција, транспорт… за да нема застој и да се почувствуваат ефектите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија.

Според него, дигитализацијата значи поефикасни, попродуктивни работници и поуспешни и поконкурентни компании. И покрај тоа што последните 20 години компаниите работат на дигитализација, сè уште заостануваме во однос на земјите во регионот каде што процесите на дигитализација се на повисоко ниво, додава Бошков.

-За жал, помалите компании не можат да ангажираат ИТ-професионалец бидејќи неговата плата е повисока од софтверот што треба да го набават. Од друга страна, пак, поголемите компании освен ИТ-експерт имаат цел ИТ-оддел и затоа процесите се одвиваат побрзо. Секогаш треба да се гледаат трошоците со приходите. Така на пример, ако со набавка на нов софтвер се намалат трошоците на компанијата, тогаш вреди да се инвестира. Дигитализацијата се прави согласно со потребите на самите компании, изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организација на работодавачи на Македонија.

Освен во приватниот сектор, тој смета дека дигитализација е потребна и во јавниот сектор.

–Јавниот сектор назадува во поглед на дигитализацијата. Кај него се потребни уште поголеми вложувања со цел поголемо поврзување меѓу институциите со цел да им се олесни на граѓаните и компаниите. Потребна измена во одредени закони со цел дигитализацијата да се примени секаде каде што е можно и да се исфрлат од употреба хартиените документи, вели Димитров.

Министерот Андоновски посочи дека во тек е подготовката на Закон за сајбер бидејќи сме единствена држава во поширокиот регион којашто нема закон за сајбер безбедност и Стратегија за сајбер-безбедност.

-Стратегија за сајбер-безбедност ќе ни покаже како стратешки да се позиционираме во пристапот на заштита на сајбер-безбедноста, што е она што ни е потребно – дали ИТ-професионалци, дали ИТ-опрема…Законот за сајбер-безбедност треба да визионира или да уредува како да го мотивираме кадарот кој работи во поглед на сајбер-безбедноста во државниот сектор, да остане во државниот сектор, да напредува да се гради и да помага за навистина отворен дигитален систем, потенцираше тој.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ