Компаниите, најверојатно, од февруари идната година ќе можат да ги користат средствата од унгарскиот заем, прогнозираат банките. Тие сè уште ги немаат добиено договорите од Развојната банка, но уверуваат дека потпишувањето ќе оди брзо. Веќе разговараат со клиентите околу проектите, а од кредитирањето, оценуваат, не треба да се исклучи ниту еден бизнис, па дури ни трговски центар (мол) ако се покаже дека е профитабилен и ако обезбедува дополнителна вредност за економијата.
Бизнисот е дециден дека му треба поддршката и бара „средствата да се користат за добри проекти“, без разлика за која дејност станува збор. Притоа, нагласува, фокусот треба да биде ставен на производните компании. Колку побрзо станат парите достапни толку подобро, порачува стопанството.
Науката гледа во унгарскиот заем ситуација „вин-вин“ и порачува дека монетарниот регулатор мора да биде вклучен во механизмите како да има олеснувања за банките што имаат кредитен ризик.
– Очекуваме кредитната линија да стане апликативна по празниците. Има посветеност и од Владата и од банките овој процес да се забрза. Јануари има многу неработни денови, затоа, сепак, би оставила за февруари, иако сите ќе работиме тоа да биде во јануари. Веќе има договор меѓу Владата и банките под кои услови ќе се пласира унгарската кредитна линија. Сега треба да помине еден административен период во кој ќе се подготви постапката, а постапката е: детално да се дефинираат условите од Развојната банка и тие договори да дојдат до банките, каде што формално ќе бидат потпишани. Од тој момент, фирмите ќе може да пристапуваат до банките за аплицирање за кредитите. Од комуникацијата со владините претставници, веќе се финализираат деталите, договорите, условите… Функционира едноставно и се знае приближно за кои компании ќе бидат апликативни кредитите, но има многу дејности и ќе треба точно да се прецизира за да не настанат забуни кој проект е апликативен, а кој не – изјави Нина Неданоска од Шпаркасе банка, по средбата на банкарите и бизнис-секторот.
Одобрувањето на договорите, објасни, оди до надзорните одбори на банките.
– Банките се посветени да го завршат тој процес многу брзо. Тоа се кратки рокови во кои ние ќе го добиеме одобрувањето и ќе пристапиме кон потпишување. Веќе разговараме со клиентите, не е дека чекаме да дојдат и да се потпишат договорите. Но, од моментот кога ќе аплицираат фирмите, ќе треба да помине одреден период додека ги обработат банките кредитните барања и ја направат анализата – истакна Неданоска.
Според потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, „се проби мразот“ и, конечно, фирмите имаат 15 години рок на плаќање, што е од есенцијално значење.
– Производните компании се есенција во нашето општество, носат додадена вредност и кредитите треба да дојдат кај нив. Се проби мразот, конечно имаме 15 години рок на плаќање, што е од есенцијално значење. Три години грејс-период, потенцијално уште 12 години рок на плаќање, што значи дека тие помали рати што ќе се добијат, компаниите ќе можат да го искористат остатокот од средствата во својата ликвидност или дополнително да инвестираат во самите компании, зашто секој добар бизнисмен го прави тоа. Ќе се прошири постојната база за финансии, пак ќе дојдат парите кај банките, но ќе се овозможи поширок развој на компаниите – нагласи Ѓорѓиевски.
Средствата, дополни, се добредојдени за да продолжи економскиот раст, зашто компаниите се исцрпени.
– Просторот за раст од пет до шест отсто што го бара Владата како амбициозна цел, лежи во микро, малите и во средните претпријатија. Тоа е базата што треба да биде целна група за да се има посериозен економски раст – подвлече Ѓорѓиевски.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Менди Ќура, го поздрави намалувањето на кредитните камати за компаниите.
– Како бизнис-заедница, бараме средствата да се користат за добри проекти без разлика за која дејност станува збор. Повеќе бараме да се насочат кон производството, но да ги користат и другите дејности што имаат добри проекти. Само најавата на 250-те милиони евра за бизнис-заедницата дава до знаење банките да ги намалат каматните стапки, кои досега беа многу високи. Значи, самата најава дава позитивна насока, зашто стапките беа 5, 6 и 7 отсто, највисоки во овие години – рече Ќура.
Универзитетскиот професор Синиша Наумовски смета дека сите чинители ќе добијат од целиот овој процес, особено Владата и банките. Стопанството, пак, ќе добие, како што напомена, поинаков контингент на ликвидни средства.
– Двете страни може да излезат како победници. Банките добиваат нови апликанти за кредити од сите гранки, кои може да донесат 3,7 отсто раст. Инаку, не можеме да гледаме еднострано, само на бизнисите. Треба да гледаме и од страната на банките, зашто и тие може да се доведат во ситуација да бидат притиснати бидејќи имаат кредитен ризик – истакна професорот.
Според него, секоја компанија може да избере кај која банка сака да земе кредит, но и секоја банка може да одлучи чиј проект ќе евалуира.
– Ние сакаме парите да бидат што повеќе искористени, а дали ние ги плаќаме каматите, не би рекол, зашто тие на крајот повторно завршуваат во макроекономијата. Не може да немате позитивен коментар за поголем раст на компаниите, мора да им помогнеме сега и бараме механизми. Дали ќе бидат приватни со приватни или државни, тоа се веќе пазарни услови во кои секој може да прави секакви бизнис-релации – објасни професорот.
Тој ја гледа ползата во тоа што секоја фирма вработува граѓани, кои имаат семејства и затоа е важно, како што рече, фирмата да биде профитабилна. Кога оди секоја компанија напред, според Наумовски, секој има корист.
За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон, по што на 8 октомври, во Будимпешта, следуваше потпишувањето на договорот меѓу министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, и претставниците на унгарската Експорт-импорт банка.