Комесар на ОН за бегалци: Повеќе од 50.000 луѓе избегаа од Либан во Сирија поради израелските напади

46
Фото: EPA-EFE/STRINGER

Повеќе од 50.000 луѓе избегаа во Сирија поради израелските воздушни напади врз Либан, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Тој рече дека повеќе од 200.000 луѓе се раселени во Либан.

„Повеќе од 50.000 Либанци и Сиријци кои живеат во Либан ја преминаа границата во Сирија за да избегаат од израелските напади“, напиша Гранди на мрежата Х.

Портпаролот на УНХЦР рече дека вкупниот број на раселени лица во Либан достигна 211.319, од кои 118.000 од понеделникот, кога Израел значително ги засили нападите врз земјата.

„Операции за помош се во тек, особено од страна на УНХЦР, на сите оние на кои им е потребна во координација со властите“, рече Гранди.

Граѓаните почнаа да бегаат кога Хезболах во Либан отвори фронт против Израел на почетокот на војната во Газа, предизвикана од нападот на палестинскиот Хамас врз Израел во октомври 2023 година.

Израел тврди дека спроведува операции за да ги запре нападите на либански Хезболах на северот од неговата територија што се граничи со јужен Либан, и да обезбеди враќање на илјадниците жители таму принудени да бегаат од ракетите на Хезболах.

Од понеделникот, во израелските бомбардирања загинаа повеќе од 700 луѓе, главно цивили, според либанското Министерство за здравство. За една година, бројот на загинати се искачи на повеќе од 1.500, повеќе од загинатите во 33-дневната војна меѓу Израел и Хезболах во 2006 година.