Комеморација во чест на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов (03.02.1936 – 25.01.2022) денеска ќе се одржи во фоајето на Националната опера и балет.
Организатор на комеморацијата е Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и МРТ. Џамбазов ќе биде погребан на Градските гробишта во Бутел во 12 часот.
Александар Џамбазов почина на 25 јануари 2022 година на 85-годишна возраст. Тој беше истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини, туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанри, вклучувајќи ја и класичната музика.
-Во делото на исполнителската уметност во македонската музичка историја ќе остане забележан како еден од основоположниците и долгогодишен раководител и диригент на Тнацовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија. Неговото име најдиректно е врзано и со покренувањето и опстојувањето на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славајче“, соопшти СОКОМ.
Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аражнмани и со 1.450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија.Добитник е на голем број стручни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври“, наградата „13 Ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.