Комедијата „Гостинот“ во кината низ републиката

103

Италијанската комедија „Гостинот“ во режија на Дучо Кјарини од денеска во 19 часот се прикажува во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев” – Неготино. Филмот од саботата е и на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје, а на 15 декември ќе биде прикажан и во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар од каде продолжува и низ други градови низ републиката.

Италијанскиот актер Даниеле Паризи го игра главниот лик оваа забавна комедија на Кјарини, кој беше номиниран за наградата на списанието „Вараети“ на Филмскиот фестивал во Локарно. „Гостинот“ ја обработува темата за стравот од обврска, па дури и носење големи одлуки на луѓето во доцните 30-ти и раните 40-ти, нешто што предизвикува голема фрустрација во сите романтични врски.

Филмот е италијанско-швајцарско-француска копродукција и трае 94 минути.
Синопсис: Гвидо мислеше дека води некомплициран живот, сè додека, едно зимско попладне, ќе доживее ненадеен шок од неговата девојка Кјара. Гвидо е принуден да го спакува куферот и да го напушти нивниот стан – но каде да оди? Тој ги замолува своите родители и пријатели да го примат и така почнува да преспива на нивните каучи прифаќајќи ја улогата на сведок на нивните секојдневни животи и нивните различни романтични аспекти.

Дистрибутер е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата на филмот е поддржана од д Министерството за културно наследство и туризам на Италија, во соработка со Институтот „Луче Чинечита“ и АНИКА.