КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Обележување на територии

2388

И се случи тоа што не беше тешко да се предвиди. Никна среде Охрид, среде градот лулка на словенската писменост и култура, дивоградбата наречена Али Пашина џамија. Цели 30 метри. Кабул вода да ни носи. Испиениот чај на премиерот во подножјето на полу изградената џамија, беше јасна трампа за гласовите на Албанците на претстојните претседателски избори. Вон закон и без образ. Каде се советниците во Општина Охрид и сега, но и во минатиот мандат, да алармираат, да спречат една ваква мега дивоградба која не е случајно никната токму на тоа место?! Никнуваат и други дивоградби за кои здруженијата Совест и СОС Охрид со месеци реагираат и укажуваат на хаосот во градот заштитен од УНЕСКО. Попусто. Исто е и во сите други градови.

Никако не сум за градење ниту на нови џамии, ниту на нови цркви, ниту на нови крстови. Ги имаме премногу. Посебно, ако верски објекти служат за  одбележување на  територии.

Да се разбереме. Никако не сум за градење ниту на нови џамии, ниту на нови цркви, ниту на нови крстови. Ги имаме премногу. Посебно, ако верски објекти служат за  одбележување на  територии. Ако е тоа така, тогаш барем знаеме во кој кантон од оние кои ги вети премиерот, ќе се најде Охрид. Попрво ми недостигаат патишта, брза железница, современи болници, студентски домови и градинки.

Изградија држава дивоградба, па така и ни личи. Во таквата држава-рушевина, не важат никакви правила, освен оние на племињата во џунглите. Ова племе кое е сега на власт, во минатото критикуваше со полна уста се што се случуваше цели 11 години. Зборуваше против легализацијата на дивоградбите, а веднаш го продолжи рокот за “легализација“, само со малку зголемени цени. Значи, се може да се прави, но прашањето е за колку пари. Инаку зборот “дивоградба“ не постои во ниту еден јазик. Тоа се руши и не се прашува. Камо ли да се легализира нешто што е изградено спротивно на важечките закони.

Ова племе сега, зборуваше за “злосторничко здружение“ за претходното, а самото се организираше во исто такво. Ова племе сега, зборуваше за “преголема администрација во функција на изборен инженеринг“, а бројката ја зголеми и вршеше тешки притисоци за гласање на минатите избори. Ова племе сега, зборуваше дека “нема менување на Устав, па кој нормален би го сторил тоа, та ова важи само за пакетот Илинденска Македонија“, за ден потоа да не одбира мафијашки средства да не поништи како македонски народ во истиот тој Устав. Нема естрадна ѕвезда, нема нумеролог, нема комедијант, нема шалабајзер, командант,  кој не влезе како советник на премиерот за тешки пари да го советува за “љубовниот повик на ирвасите во поларната ноќ“. Сите тие луѓе се платени повеќе од секој учител, професор, лекар, медицинска сестра, економист,…од сите оние кои масовно бегаат без да се свртат назад кон буништето. Ова племе сега, гони и за “говор на омраза“, се разбира упатен кон нив. Во обратната насока, се е дозволено и добредојдено. Ова племе сега ги дозатвори медиумите за „неподобните“. Полоши се од оние на кои до вчера им се смееја. Ова племе сега, спроведува брутална агенда и гази преку целото наше достоинство. Секојдневно слушаме за кривични пријави за маргинални поединци, ама нема да чуеме за ниту едно обвинение за нивните коалициони соплеменици. Господинот Ел Чека ќе се начека. Впрочем, Пендаровски ги амнестираше пред изборите. Парафразирано “сега биле ресоцијализирани криминалци“ со кои не било тешко да се садат тикви.

Грешат оние кои вината за се што ни се случува ја фрлаат на Албанците, наши сограѓани. Не, ние сме криви за се и од тоа нема бегање. Само тотален губитник, бара друг виновник за се што му се случува нему

Ќе ме нападнат сега револуционерите на “крвавата“ револуција со презервативи (која им ја направија однадвор) и ќе ми налепат етикета на националист. Ќе ги прашам: дали еднаш реагираа на чисто националистичките барања на Албанците во секоја пригода кога ќе насетат дека работите зависат од нив? Дали еднаш албанските партии испорачаа некакво граѓанско барање, вон корпусот на нивните строго национални интереси? Дали некогаш во Собранието сте ги чуле да дискутираат за општи теми? А да, еднаш кога се дискутираше за загадувањето, пратеник на ДПА се жалеше од говорницата дека отровниот воздух во Тетово ги труе Албанците?!  И толку. Потоа се пееше химната на Албанија. Некни, на Талат на Косово му беше подарена карта на Голема Албанија. Инаугурацијата на новиот претседател пред целиот дипломатски кор, беше на албански јазик. Пораката е повеќе од јасна. Некој од “граџанството“ бекна за ова? Затоа, пукајте по Македонците. Полесно е и плус, одобрено е од племето на власт. Дури и наградено. Одобрено е заради себе одржување, заради себе репродукција, заради голема и во многу случаи легализирана кражба. Плус е in, а „граџанството“ следи мода.

Но, грешат оние кои вината за се што ни се случува ја фрлаат на Албанците, наши сограѓани. Не, ние сме криви за се и од тоа нема бегање. Само тотален губитник, бара друг виновник за се што му се случува нему. Уставните измени минаа со 81 пратенички глас. Колку беа македонски? Законот за двојазичност, читај за бинационална држава, која не само Македонците, туку ги збриша и другите етнички заедници, беше гласан од македонски гласови. Во општина Охрид, советниците се повеќето Македонци. Колку беа Македонци во Собранието во 2015 година, кога се изгласа промена на словенските топоними во Западна Македонија во чисто албански топоними? И потоа, Албанците биле криви за разградување на унитарната државата. НЕ! Македонците и никој друг. Или поточно нашите партии, кои не одбираат средства да дојдат или да се задржат на власт. Тие и единствено тие, се спремни како Фауст да си ја продадат душата на ѓаволот, за да се нахранат од буништето кое самите го создаваат.

Ова можам да ви го илустрирам со еден пример. Кусо време држев настава на магистерски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Групата беше со мешовит етнички состав, а наставата според Законот за Високо образование, се одвиваше на англиски јазик. Патем, истите тие студенти ме оценуваа со највисоки оценки. Во тој период беше актуелен Законот за употреба на јазиците (или за двојазичност). На пауза помеѓу часовите разговаравме на таа тема со студентите. Еден студент, Албанец кој претходно се школувал во Франција, зборуваше за тоа дека македонски јазик мора да знаат сите, бидејќи државата мора да има еден официјален јазик за интеграција на сите етнички заедници. Така е во Франција и зошто би било поинаку кај нас?! Ни се приклучи во разговорот еден наш познат професор Македонец, кој исфрли „бистар“ предлог и рече: „Јас мислам дека сите службено треба да го употребуваме англискиот, а по дома кој како сака“. Студентот остана стаписан, како и јас. Коментар не е потребен.

Без да падне политичкиот систем, ваков каков што го кројат оние кои од државата создадоа буниште, и за 30 години од сега ќе се вртат истиве муабети. Дотогаш, уште една генерација на млади ќе избега

Ова племе на власт сега, како и претходното, грчевито се држи за 6 изборни единици. Да не беше така, ќе имавме 3 македонски блока и уцените со неоспорно националистички, непристојни предлози немаше да поминуваат. Ама парите (по околу 4,5 милиони евра подарени од буџетот за нивно финансирање, за што сложните браќа лесно се договорија на “лидерска“ средба) им се помили од националните и од државните интереси. Затоа ќе ги мајтапат помалите партии дека се „гранапчиња“, а овие големиве се веројатно супер маркети каде некои клиенти земале многу гратиси. Јас  последниве би ги промовирала и во корпорации, чиј бизнис модел е разградување на државата и полнење на сопствените џебови. Докази за ова има на секој чекор. Да почнам да редам?

Затоа, без да падне политичкиот систем, ваков каков што го кројат оние кои од државата создадоа буниште, и за 30 години од сега ќе се вртат истиве муабети. Дотогаш, уште една генерација на млади ќе избега.

Инаку, во целиот регион се протестира против властите. Кај нас, сите задоволни. Од многу арно не куртуливме.

(авторот проф.д-р Солза Грчева е Претседател на Глас за Македонија)