КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: НАТО Сапиенс

220

Се чудам како воопшто настанал и еволуирал хомо сапиенсот без да се зачлени во НАТО? Но, очигледно ја имал таа идеа уште многу рано штом ги надвладеал сите други луѓе по род: еректуси, Денизовци и многу други. Можеби му требале едно 45.000 години да преживува, да се бори голорак со природата, да освојува континенти, да црта по пештерите, да почне да се бави со земјоделие, да пишува епови кои и денес ги читаме, да создава градби од кои ни застанува здивот, да тргува, да плови по морињата, да ја освојува вселената (се чудам како Гагарин беше првиот човек во вселената, а без НАТО), да измисли вакцини и пеницилин, да создава цивилизации за кои можеме само да сонуваме. Но, идејата секогаш му била како да се зачлени во клубот на најбогатите, каде сега ќе биде и една мала по род, но силна по дух, Северна Македонија. А тоа е бездруго и без алтернатива, НАТО. Без тоа, јасно им било на сапиенсите дека до сега ќе не газеа диносауруси како во Џурасик парк, мамути ќе ни беа домашни животни, а неандерталците (кои никогаш немале идеа за НАТО, затоа и исчезнале) ќе ја делеа планетата земја со нас. Многу небезбедно, ќе признаете.

Јасно им било на нивните водачи дека има само еден пат. А тој пат води преку осиромашен ураниум (ова осиромашен не значи дека ќе бидеме сиромашни, напротив), преку бомбардирање на цивили, преку милиони проколнати кои веќе не смеат да се вратат на огништата. И немојте да се залажувате дека станува збор за воен сојуз. Не, тоа никако. Тенковите и авионите се чиста декорација на моќниот политички сојуз чија главна цел е да шири демократија и правда. И цвеќиња како во хипи времињата. Планетарно добро во лет, каде еве сега и ние, Јован без земја (што ќе ни е парче земја кога ќе ја владееме планетата?!) ќе имаме столче. Ќе прашате: зарем за столче на некој наш билмез ја поништивме нацијата и не смееме да бекнеме дека сме Македонци по род? Прашањето е на место, ама одговорот за жал е, ДА! Но, немојте да бидете кусогледи и заостанати. Придобивките ќе бидат неизмерни. Ако не ве убедија до сега низ едно 100 дебати на кои профитерите (кои навистина ќе станат побогати) од петни жили ви објаснуваа колку е важно да се бориме против тероризмот и за мир во светот, дури и да ги снабдуваме со чушки и френки моќните војски (замислете само колку рала гаќи и маици може да им продаде на пример Стружанка?), и дека за таа цел нема цена која не треба да се плати, јас не можам да ви помогнам. Само да ве жалам што не гледате низ розови очила кон светлата иднина. Иднината на НАТО. Исто како што некои порано гледаа кон светлата иднина која ја донесе Варшавскиот воен сојуз, а луѓето прашуваа дали ќе им даваат јажиња или самите да си ги донесат од дома. Можеби и затоа на нашиве војници не им дадоа врвци за новите чизми? Или можеби не сум во право. Во секој случај ќе се најдат врвците кога и НАТО ќе отиде во пензија како и секој друг сојуз.

Но, да се вратам на придобивките за да не ми пишат црта дека сум НАТО скептик. Ма на секој и малку писмен, а посебно напреден човек, јасно му е дека не само што нема живот без НАТО, туку има сигурна смрт. Пеколна, страшна, болна, долготрајна агонија. Црни облаци надвиснале, еруптираат вулкани, цунами збришува илјадници беспомошни луѓе, нациите мораат сами да си избираат влади (бррр…ова е најстрашно), половина Африка умира од глад, војни на сте страни (за нафта, гас, дијаманти, вода и останати ситници, но сетете се на нашето волшебно столче). Владеат нарко картели, во Јужна Америка владите чекаат наша поддршка за да сменат претседател. Диктатори, директори, “бизнисмени“ ги пустошат сопствените земји. Безнадежен пекол на планетата Земја.

И сред тој пекол, точно како Супермен, во право време се појавува спасителот: НАТО. И замислете да не спаси токму нас, малкумина среќници, едни од само 30. Видел НАТО дека не ни ја бива работава без него. Погрешно име имаме, погрешен народ тука живее, погрешен јазик зборува, на погрешни богови се поклонува. Само локацијата ни е погодена. И реши добротворот НАТО да ни донесе многу убавини, цвеќиња, инвестиции, мир, тони пари, работа за сите, поправени дупки на патиштата, кристално чист воздух, правда, толеранција, војници со нови чизми, чесни политичари кои веднаш ги исфрлаат од работа сите свои роднини, политичари кои кога лажат веднаш им раснат носовите, невладини кои ја контролираат владата наместо кафулињата, …вистински рај на земјава. За наместени тендери не сакаат ниту да чујат. Нивите раѓаат род како спобудалени, стоката се множи, извозот цути и не може да навакса, луѓето насмеани трчаат на работа и прашуваат има ли уште. Младите не само што не бегаат, туку набрзина купуваат карти да се вратат овде каде ги чекаат сите со раширени раце. Посреќните, од тука можат да завршат во Авганистан или во Мали за да им ги перат алиштата на нашите пријатели. Науката цути, технолошки паркови на сите страни, студентските домови се претвораат во дворци, професорите во добри самовили. Докторите се љубезни и стручни, рамковните станале експерти, сестрите од милина се топат. На шалтер да ти е мило да чекаш. Телевизиите емитуваат стории за последните остатоци на корупција и непотизам (кои во принцип скоро и ги нема) и без пардон ја караат власта ако не дај Боже нешто згреши. ТВ дебатите се крајно балансирани, а главните уредници, некогашните нескриени пропагандисти на власта, веќе се вклучени во општествено корисна работа, метејќи ги итака чистите улици. Градежна мафија веќе нема, отидена е џенем, односно во некоја партал земја која сеуште не станала членка на најбогатиот клуб – НАТО. На тротоарите нема возила, туку да се чудиш, има луѓе и мајки со колички кои се движат непречено. Кафулињата не ечат со 500 децибели, луѓето мирно и тивко разговараат. Во Чаир повеќе не се пука на улици, во автобусите бандите седат мирни како бубалки. Полицијата конечно им се посветува на граѓаните, а не само на политичарите. Ниту една улица не се затвора за да провозат некоја битанга со мерцедес. Просто е: нема веќе ниту битанги. Вечниот рекетар на ГТЦ слободно ќе може да еволуира во претседател. Еднакви можности за сите. Исто како и правда за сите. На 81 пратеник ќе им се подигне меморијален центар на Криволак. Да се знае за навек кој ни ја донесе оваа белосветска убавина.

И така ќе биде се додека не отчука 12 саатот на полноќ. Токму во 12:01 кочиите ќе се вратат во тикви, коњите ќе станат глувци, а скапата облека ќе се претвори во партали какви што биле и пред чудесната магија. Богатите ќе бидат побогати, сиромашните посиромашни. Тоа “убавото“ или сам ќе си го направиш, или ќе живееш во бајките на лажговците. Чекајќи го Годо, само ја продолжуваме агонијата на ова бедно живеење. Тоа паметни земји не го прават, но само корумпирани. Им требал “ камшикар“!? Епа ќе го добијат, ама нема да се вика НАТО.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)