КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: “Државотворни“ криминалци

358

Во смртоносна прегратка со закоравени криминалци, во сопственото природно опкружување каде плива како риба во море, Заев ја бутка земјата во провалија. Нему тоа не му паѓа тешко. Еднаш аболиран, потоа ослободен од барање мито, со брат му Вицето кој веќе полека, но сигурно станува “фамилијата“ , чека да “ги ужива плодовите“ од имплементацијата на Договорот за Северна Македонија. А плодовите се знае што се: забрана на придавката “македонски“, промена на имињата на сите институции, комшии кои ни пишуваат учебници по историја, јазик со фуснота, граѓани без државотворност, граѓани без малцинство, всушност гости во сопствениот дом и најмногу и над се, поделби и рани. Ете во тие горчливи плодови ќе треба да уживаме сите. Но, плодовите во кои тој лично мисли да ужива се богатење на “фамилијата“, луксузни одмори, вили, квадрицикли (како и да се нарекува она смешно возило како за експедиција на Марс), глисери, “што пие кафеана“ проводи со сомнителни ликови, мојот пријател Алексис (хааа…на последнава глупост паднав од смеење), па и Нобелова награда (ова се надевам сепак не). Живо ме интересира и каде ќе одат парите од секој променет документ на секој граѓанин (види Фонд за иновации).

Згазено е на правото, на правдата, на достоинството, на народот. Згазени се сите вредности кон кои божем цели новата држава. Сотреа се до што се допреа, излажаа секого кој им верувал, насилници кои преку ноќ кројат закони по мерка на криминалци, помилуваат кој им е потребен, уценуваат најдрско, наградуваат со наши пари. Ова е накусо перформансот на “реформската“ влада. Затоа впрочем и наградата ќе биде соодветна: ќе сме обезбедувале мир во светот и толку. Што велат Србите: “жвака за лудака“.

Замислената држава од “соништата“ ги вгради во своите темели и тенковските делови на Бучко, вработувањата во МЕПСО, Миле ми текна, Саше дете наше со адреса во Мериот, Крсто со тендерите на брат му за се и сешто, Бети со анексите за Скопје 2014, синчињата кои уште во најраното детство станале управници и веднаш се омрсиле, ќерките со дебели стипендии за студии во странство, сопругите со тендери,…многу се. Сите, јунак до јунак. И сите во хор гракаат за Европска Македонија, за НАТО, за неопходната жртва која сме морале да ја дадеме. А самите тие, се жртвуваат со привилегијата да не одат во затвор. Овие во нормална држава со еден збор се нарекуваат криминалци и им се суди. Владата која соработува со вакви ликови, се потпира на нив, а богами и ги создава, се нарекува криминална влада. Или поточно: мафијашка дружина.

Но, тоа е природниот амбиент и “нормалните“ алатки за опстанок на нашиот ЗЗ. Не знам што очекуваа луѓето и зошто сега се чудат. Уште пак и јавно го караат: та немој Зоки (со ова “Зоки“ сакаат да ја покажат блискоста со “величината“ и кога ја караат) , та како бе вака, па има ли смисла, излажани сме, та поважна била правдата од проектот. Чисти небулози на неотрезнети од новогодишната пијанка. Да се отрезнеа порано, можеби ќе им сметаа и злоупотребените европски знаменца во Собранието, прекршувањата на деловникот, кршењето на Уставот, газењето на резултатот од референдумот. Ако тогаш молчеа како риби, сега е веќе доцна да се трезнат. Нека се помират со судбината дека го имаат Али Баба со 40-те разбојници и дека правда нема да има. Ќе има само воени мисии за “борба против тероризмот и мир во светот“ во замена за убиството на еден народ, а административнава област ќе остане црна пештера во која друштвото ќе си трупа златници и друг плен.

Да резимирам: криминалците, а не обичниот народ, испаднаа државотворен елемент. Навистина надежен почеток за Орвеловата творба. Ако како утре дојде нормална власт, а тоа е повеќе од сигурно после оваа катаклизма, воопшто да не спијат на увото дека дебелите предмети нема повторно да им се отворат. Ги помилуваа со противуставна, селективна амнестија и со промена на Кривичниот законик за една употреба. Впрочем, за некои од нив мора да има докази дека биле уценети. Гласањето ќе им падне во вода, а бруката тешко дека ќе ја измијат од себе. За џабе се валкаат. Некое друго јавно обвинителство, кое нема да е консензуален политички проект, ќе подигне обвиненија според закон. Судиите, ниту ќе бидат Сваровски, ниту Алтанбаш. Се ќе исплива на виделина. Правдата е спора, ама ќе ги стигне. Секој преплатен тенковски дел, секој преплатен и незаконски анекс на договор, секој наместен тендер, секоја земена провизија, секоја пајажина од фиктивни фирми, ќе се врати во скутот на криминалците, а парите во буџетот. Ако ова ви наликува на утопија, на свршен чин, сетете се на “ќе си лежите“. Зарем некој можеше да претпостави дека ќе си лежат по хотели, наместо во затвор?! Се менуваат работите преку ноќ. После ова дно, се надевам дека ќе се променат на добро. Кон правна држава, бидејќи само тоа е држава.

Деновиве е актуелна темата за претседателски кандидат. Јас не знам кој би бил идеален кандидат кај нас, но знам дека ЗЗ би бил идеален претседател на соседна Грција. Така добро одработи за нив, така убаво им објасни дека повеќе македонски народ нема, ниту јазик ниту бутур, толку вешто го разубеди “тврдиот“ Мицотакис (кој патем трие раце од договорот на столетието за кој не можеше да сонува), што човеков би бил навистина идеален за таа позиција. Плус, со вилата на Халкидики решено му е и станбеното прашање. Одличен “бизнисмен“ е, што би рекле ние трговец. Тоа таму се цени. Малку има проблем со грчката митологија (ги измеша јунаците како турли тава), но затоа историја, географија, јазици, политика му се јака страна. А љубовта кон Грците, бесконечна. Со нашите Македонци таму ќе мора да шупоти на македонски, но грчкиот бргу ќе го научи. Има дарба за јазици, како што видовме и чувме со свои уши во Босна. Со другарот Алексис се веќе едно. Ова се нарекува двоен ќар. И за нас и за Грција.

На нобеловецот во обид, кој вели: “никој не може да го промени Преспанскиот договор“, ќе му порачам дека видела Македонија многу окупации, народот се одржал со векови. Ќе биде повторно Македонија без придавки и додавки. Зошто? Затоа што едвај сме ја добиле и дека така сака народот. Оние 2/3 кои тоа јасно го порачаа. Постоеше и Сан Стефанска Бугарија, па ја нема. Многу договори биле потпишани и тоа законски (а не како овој кој е по секоја основа ништовен), а сега не се во сила. Тажно е што од готово, направија вересија. Поништија, качени на глисери, неодговорни луѓе, држава која била предмет на вековни стремежи. Се откажаа од стекнатите права. Македонецот го очекува повторно да се бори за правда, за своја држава, за свој статус во таа држава. Но, тој тоа мора да го прави. За тоа ќе му треба многу промисла, решеност и љубов. Не се сомневам во успехот, бидејќи со тие квалитети се борел со векови наназад.

Тоа што го создале уценети криминалци и платеници ќе заврши на буниште. Во пресрет на гласањето на промените во Уставот, ќе порачам: само Македонија. И најважно, Македонија правна држава без корупција. Тоа е, и ќе биде нашата борба.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)