Нова година, нова надеж. Некој ќе каже, нов почеток. Се согласувам со надежта, но не и со новиот почеток. Продолжуваме онаму каде што бевме во старата година. Со истите идеи, исти цели, исти маки… Македонија е на крстопат. Мислевме дека тоа е затворено во 2018 година. Дека одлуката е донесена. Го фативме патот. Како кажале стари, есапот од дома, на пазар не поминува. Така и македонскиот есап, не помина на европскиот и светски пазар. Вистина е дека донесовме одлука, но одлука да останеме во калта. Народната мудрост вика, утреш куќа не крепи. А ние работата ја оставивме за оваа година. Продолжена агонија, продолжена неизвесност, но и продолжена надеж.
Големата слика е намерата на Република Македонија во оваа година да стане членка на НАТО и да започне официјални преговори за членство во ЕУ. Тоа е приоритетен државен интерес, според моето длабоко убедување. Штом е тоа државен интерес, мора да биде облигаторен и за политичките партии и за секој еден граѓанин на Републиката. Но се соочуваме со двојна, тројна дилема. Прво дел од граѓаните не се согласуваат со оваа констатација, дека тоа е највисок државен интерес. Второ, кредибилитетот на процесот кој треба да не донесе до таа цел, целосно е нарушен. Трето, извесноста дека истото ќе се реализира оваа година е ставено под сериозен прашалник. Во сета оваа какафонија, ако накалемиме и капацитет да се надминеме себе си и сопствените лични и партиски интереси, во интерес на државните, доаѓаме до заклучокот дека не требаше работата да се остава за утре.
Дел од мои партиски соработници ме убедуваат дека во интерес на ВМРО ДПМНЕ е да пропадне целиот процес. Вината за тоа секако ќе ја сноси СДСМ и Владата во целост. А тоа на нас вмровците ни е целта. Јас морам јавно да истакнам дека со тоа не се согласувам. Прво, затоа што мораме државниот да го ставиме пред партискиот и личниот интерес. Второ, затоа што овој процес, некогаш и некој мора да го заврши, па ако тргнеме од нашиот партиски интерес, најдобро е „вината“ за тоа да падне на грбот на СДСМ.
Запомнете мои сопартијци, утреш куќа не крепи. Така да оваа работа не е за утре. Не се остава за утре. Мој став е дека ВМРО ДПМНЕ треба јавно да ги понуди сите свои капацитети на Републиката, за успешна реализација на евро – атлантската агенда. Без разлика дали тоа Владата ќе го прифати или не. Не е битно. Битно, ние нашето сме го сториле, сме го препознале државниот интерес и сме го поткрепиле. Гревот нека падне на нив, доколку ја злоупотребат таа чесна намера. Тоа граѓаните ќе го согледаат и ќе знаат да го наградат или казнат.
Прекршени стандарди. Напуштени принципи. Скандал до скандал го следат процесот по дома. Тоа дополнително ја остави работата за утре. Од сам почеток, кога се тргна да се решава најкрупното прашање без национален консензус, јасно беше како ќе заврши. Сега во 2019 година влегуваме во „спирала на прекршувањата“. Еднаш кога ќе се прекрши еден принцип, нужно следува втор пат, па трет… така до недоглед… до момент кога повторно одлуката се враќа во рацете на граѓаните. Но сега веќе сме во таа спирала и нема назад. Потребни се вонредни мерки и надчовечки напори да се контролира состојбата. Во таа насока, работите ескалираа во Собранието на Републиката. А тоа Собрание не само што е столб на таа Република, туку е темел на сите столбови. Тоа е најважната институција. Тоа е темел на демократскиот поредок. Таму работата е веќе замината во многу погрешна насока. Доколку не се преземат итни мерки за санација на последиците и за отстранување на причините, доколку не се врати дигнитетот на она што се нарекува народен пратеник, тогаш институцијата Собрание ќе биде причина за целосна дестабилизација на политичкиот систем во земјава. До тој степен и во таков момент, да сериозно се заканува работите да ги одложи, не за утре, туку до недоглед. А кажавме што мака не чека, ако ги оставаме проблемите под кревет, а опуштено си легнеме.
За жал, 2018 не беше година на решенија. За уште поголема жал и 2019 нема да биде таква. Се надевам на најдобро. Посакувам се да стане најдобро. За сите нас во државава. Без разлика на било кој идентитет и да припаѓаме. Но нашето поведение да оставиме за утре, ќе ни донесе веќе извесен резултат, членство во НАТО, тек во 2020 година. Под големо АКО? Тоа е веќе апсолвирано, а гледам сите сме легнале на кревет и тоа така мирно го прифативме. Па дури и ние од опозицијата не се сетивме да побараме одговорност од Владата, зошто е тоа така? Таа е процедурата, треба време? Не е вистина! Тоа е измислена флоскула, која се коси со веќе воспоставената пракса за другите држави, кои се веќе членки на НАТО. Работата е што се оставаме за утре! Има нешто кое може да биде потрагично, а тоа е да биде одложен почетокот на преговорите за ЕУ, пак за утре, пак за 2020 година. Зошто и тоа? Токму поради нарушениот кредибилитет на процесот во земјава. Јасни беа пораките од европските лидери во 2018 година. Владеење на правото и одговорност за стореното! Па луѓе божји, па тоа и на писмено е ставено во извештајот за Македонија. Тоа е веќе услов за македонската интеграција во ЕУ. А ние пак по старо. Пак за утре. Не само што се надевам, туку и се молам работите да тргнат на добро. Да биде верификувана нашата жртва, да биде согледана, воочена од страна на ЕУ. Да биде вреднувана. Па ние највеќе жртвуваме. Да, но тоа се само емоции и желби на еден Македонец. Моите емоции не ги споделуваат европските лидери. Па ниту око му трепнува за нашата жртва. ЕУ е организација на вредности и принципи. Или играш по нивното или не те примаат во клубот. И точка!
Ајде да отрезниме од досегашното пијанство. Светот не се врти околу Македонија. Ако сонцето е ставено на нашето знаме, ние не сме Сонцето. Ајде да направиме се што можеме работата да не ја оставаме за утре. Ајде сите заедно, па и со помош на пријателите низ светот, да ги завршиме работите онака како што доликуваат за една сериозна држава. За еден горделив народ, за каков што се фалиме дека сме, а никако да покажеме на дело. Ајде оваа година да биде година на успеси за сите нас. Ајде да се натпреваруваме кој побрзо и кој подобро ќе ги заврши работите, денес! Тоа народот ќе го позлати, еден ден! Доста е сопки, инат, подметнувања, малодушност, завидлук, кукавичлук… Ајде да бидеме „поголеми од Европјаните“!
(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)