Ортак е турцизам, кој навистина го збогати македонскиот фонд на зборови. Ако побараш алтернатива во некој „изворно македонски збор“, многу тешко ќе се најде соодветна замена. Другар или соучесник, што и да истакнеш за замена, сепак не е она што е во духот на ортаклакот. Тоа повеќе зборува за карактерот на самиот човек. Длабоко во себе, тој збор кажува за длабочината на личноста на човекот, кој се заортачил. А во зависност од тоа со кого, со што или за што се заортачил, ја отвара неговата суштина. Онаа народната, со кого си, таков си… има тука примена. Но тука има и за што. Може да се биде ортак за некој бизнис или соработка во некое научно истражување. Но може да се биде ортак за некоја недозволена, незаконска работа. Дали е легитимна причина за ортачење или не, секогаш главен мотив е добивката.
Дали ќарот, исто турцизам, е недозволена или незаконска работа? Секако не. Легитимно е да се грижиш за добивка. Да оствариш добивка од труд, кој си го вложил и си се посветил, сосема е оправдано. Всушност од тука, извира претприемничкиот дух кај човекот, оној кој е суштина на капитализмот, оној кој се негува и поттикнува. Особено ние, десничарите се колнеме во индивидуалната иницијатива, во правото да се оствари добивка без лимит, но само како лично залагање. Личен успех. Но тоа да го постигнеш, погазувајќи ги сите свои пријатели и принципи, тоа не е претприемач. Современите општества, како тренд за воспоставување на внатрешен баланс, промовираат етика во тие односи. Етика во процесот на остварување на добивка. Тоа е клучно за „легитимитетот“ на остварената добивка. Муслиманите викаат „со алал да е“, исто така прифатен термин во нашиот јазик.
Ортак со ќарот – снаодлив. Ортак со етиката – будалетинка. Можеби оправдани квалификации, со оглед на условите во кои живееме. Владеат законите на саваната. Така, ќарот стана императив на мноштвото. Но не остварен ќар, во услови на владеење на етиката, туку преку прекршување на сите етички норми и правила. Викаат, газење преку лешеви.
Тука клучна улога има мотивот. Што е крајната цел? Ако станува збор за промоција на вредности, а се посегнува кон ќар, преку газење на истите тие вредности, тогаш станува збор за обичен преварант. Ниту снаодлив, ниту претприемчив, туку само преварант. Кога се спомнува ортак, обично се гледа како на однос, соработка, партнерство помеѓу двајца или повеќе луѓе. Нашите стари рекле, се фати ортак со ѓаволот. Дали е ѓаволот лице за ортачење. Не сум сигурен. Повеќе ми делува дека не е лице, туку нешто кое симболизира процес, идеја. Така доаѓаме до она, ортак со ќарот. Исто не е ортаклак со лице, а повеќе е ортаклак со ѓаволот. Или поточно ортачење за гол интерес.
Во политиката ќе сретнеме се и сешто. Па и ѓаволот е тука. Тоа е толку широко поле за делување, што едноставно мобилизира секакви личности. До нас е со какви и со кои ќе се заортачиме. Наш е изборот. Ангели тешко ќе најдеш, ама баш со ѓаволот не мораш. Иако и тој самиот е ангел. Ама доколку ќарот е единствениот мотив за било какво ортачење, тогаш без ѓаволот не остануваш. Сведоци на непринципиелни коалиции, на чудни групирања, на неприродни процеси… сетоа тоа има едно име – ортак со ќарот. Макар тоа било привиден ќар. Едноставно погазена етика, вредности, принципи, пријателство, а често и другарство… се е тоа како резултат на склучен договор за ортаклак со ќарот.
Најуспешни се политичарите кои бесрамно ветуваат гулаб на гранка. Тоа е имагинарен ќар, кој ставен за предмет на Вашиот договор, често предизвикува губење на разумот. Редовно краен резултат е пропуштена шанса за врапче во рака. Ако амбицијата е врапче, тогаш може да се применат некои етички норми и правила, но ако амбицијата е гулаб, тогаш се е погазено. Тогаш си заложник на политичарот кој, знаеќи за твојот сон, ветува гулаб. Ама на гранка. Најтежок предмет за варење, без разлика на капацитетот на желудникот и обемот на желудочна киселина, е оној кога во име на некои повисоки вредности, се спроведува агенда на гол ќар. Слободно отворете простор за имагинацијата и сите комбинации кои ќе Ви паднат на памет, се возможни во светот на политиката. Особено во нашава домашна политика. Така борци за слобода и демократија, поради ветен гулаб на гранка, склучиле догов со ќарот, подржувајќи ги најнедемократските процеси. Борци за европска иднина на земјата, повторно ослепени од гулаб на гранка, промовираат евроскептицизам, секој ден дупла доза. За среќа, само на ФБ, без конкретни активности. И т.н. и т.н. Едноставни драги играчи на политичка сцена, многу сте евтини за шопинг. Секој може да Ве купи со гулаб на гранка, само и само ако Ви покаже на маса убаво стокмен договор за ортаклак со ќарот.
Мора да бидеме чесни и да признаме, дека секој ден добиваме сите ние, такви понуди. Ортаци колку сакаш. Гулаби летаат по гранки, уште повеќе. Но, вредности и принципи за склучување на тие договори, се помалку. Се помалку. Крајна цел да биде промоција на некоја вредност, тоа пак е веќе невозможна мисија. Зашто секогаш го имате истото прашање – каде е тука ќарот за мене? Искуства безброј, ситуации исто така. Чарето е во онаа народната – ако ми е брат, не ми е ортак. Ако тој склучил ортаклак со ќарот, тоа не значи дека и јас сум во тој договор. Секој имаме право на избор, со кој ќе се заортачиме.
(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)