КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Оваа вистина!

1373

Во првиот дел од ова писание, насловен како „Која вистина“, останав недоречен за македонистите. Суштината на денешната македонска болка за „црковна самостојност“ лежи во нивното време. Она што тогаш го признавале Србите, во залет да го прекинат влијанието на Егзархијата во Македонија, преку возобновување на Охридската Архиепископија, денес не е спорно за Бугарите. Само што сега, преку истата Охридска Архиепископија, се сака да се прекине „владението“ на СПЦ врз МПЦ. Тоа е во согласност со македонските национални интереси и како такво, треба да биде поткрепено. Значи историјата се повторува. Првото српско училиште во Македонија и почетокот на српската пропаганда е тесно поврзано со идејата за македонската црковна самостојност. Која иронија е тоа денес. Со истата идеја е започната соработката со Ватикан, од истиот Владика Гологанов, кој бара признавање на посебна Црква од Римскиот Папа. Да биде иронијата поголема, оние кои денес се удираат во гради дека ја обожуваат МПЦ – ОА, се убија го плукајќи Римскиот Папа, кој конечно стигна во Скопје, да даде амин на работава, започната од пред скоро век и половина. На истата позиција стоел и апостолот на македонското дело Гоце Делчев. Со ѓаволот пакт ќе направеле, само и само да се дојде до автокефална македонска Црква. Исто како револуционерите за македонска држава. Сега тука има една голема порака, а тоа е дека многу пред комунистите да „мотивираат“ создавање на МПЦ, некој бил самосвесен и посакал создавање на таква „МПЦ“. Што значи македонизмот, во духовната сфера, не е дело на комунистите, туку е дело на бугарски, егзархиски духовници. Од таму и обврската БПЦ да се погрижи за автокефалноста на МПЦ. Нешто што одби да го стори, се разбира под духовно и фактичко водство на т.н. „руска црвена црква“.

За да биде сликата делумно склопена, не може без Крсте Петков Мисирков, апостолот на македонизмот, публицист, филолог и лингвист, „таткото на македонскиот јазик“ преку делото “За македоцките работи”, во периодот пред да постои Коминтерната. Прогласен е за најголемиот Македонец на 20-от век. Животот го потрошил во обид да ги убеди Русите, да ги поткрепат „македонцките работи“ и создавањето на македонска независна држава. Токму тој пишува, дека ние во Македонија, сме повеќе Бугари од оние во Бугарија. Уште во 1919 година пишува, дали ние ќе се нарекуваме Бугари или Македонци, нема значение, зашто на крајот ќе се одделиме од Србите. Непосредно пред да почине, тој запишал “Себеси се чувствувам за Македонец, и тоа треба да биде најважно од се на овој свет. Македонците не смеат да дозволат да бидат асимилирани и изгубени, живееќи среде Србите и Бугарите. Ние можеме да ја признаеме блискоста со нив, но ние треба да ги оценуваме од гледна точка на македонската позиција.” Мисирков е жесток критичар на бугарската политика кон македонското прашање, како непостојана и нестабилна. Со тоа во целост се согласувам и јас денес. Се лути на Бугарија, зашто не помага да се ослободиме од српско и грчко ропство. Токму тој идејата за “Автономна Македонија – Швајцарија на Балканите”, ја издигнува на пиедесталот, во најтешките моменти во македонската историја.

Поради сето ова, Крсте Мисирков е најболната точка во македонско – бугарските докажувања. А ќе се докажуваме до кога? Додека не се иселат сите млади Македонци и Бугари од Македонија и Бугарија? Нели е смешно двајца први братучеди, бегалци од Егејска Македонија, едниот пораснат во Југославија, другиот пораснат во Бугарија, да го потрошат животот во кавга, кој е поголем Македонец или Бугарин? А во суштина и двајцата се од иста семка, чеда на Македонија. Потребна ни е меѓународна арбитража за да се договориме? Еве постои „братска арбитража“ од хрватскиот историски научник Иво Банац, кој можеби дава најубав преглед на ликот и делото на Мисирков. Нешто што не успееа ниту бугарските, ниту македонските научници. Бил русофил, но тежок антиболшевик… со самотот тоа и антикоминтерновист… значи Македонец, кој не правел разлика со бугарскиот идентитет и кој без коминтерновска помош или мотив, промовирал македонизам, македонска посебност, јазик и култура.

Многумина се прашуваат зошто ова го пишувам? Што си ставам трн во здрава нога? Одговорот е едноставен. Ако сме во служба на татковината, мораме да се грижиме за нејзиниот просперитет. А тој е единствено можен, само преку чистотата на нашето дело, во целост усогласено со каузата. А каузата не повикува на македонско национално единство. А можно ли е такво единство, без помирување со милиони нашинци во Бугарија? Секако и оние насекаде низ светот. Но најголема концентрација на Македонци, денес има во Република Бугарија. Јас лично сведочам дека тие се кремот на бугарското општество. Кај нив сеуште постои онаа мајчина порака, „роди се сине во Македонија, за да ја владееш Бугарија“, или онаа „најдобар Бугарин е Македонецот“. Тие се нераскинлив дел од бугарската наука, образование, медицина, култура, особено политика… од бугарското општество. Тогаш одговорот го дадов. Како одлучен да робувам на македонската кауза, морам да направам барем еден мал чекор, кон тоа големо македонско помирување.

Тоа помирување е возможно само и само преку „европско поимање“ на историските вистини. Кои сме ние да им судиме на нашите преродбеници и револуционери? Ајде да се ставиме во нивната кожа, ајде да се вратиме за време османлиско, време ропско, па да судиме? Тие наши великани, заеднички балкански великани, тие пилиња на славјанството, кои први се испилија, за на сите нас очи да ни отворат, зар заслужуваат суд од нас, сеуште слепите? Идентитетот има индивидуален карактер, тоа е лично чувство и определба. Моментална експресија на домашното и општествено воспитување. Ајде да ги прашаме нивните дирекни потомци, внуците на големите преродбеници и револуционери, кој се и што се? Што им оставиле нивните домашни во аманет? Има ли поголема од таа вистина? Факт е дека македонскиот и бугарскиот идентитет меѓусебно се надополнувале и заеднички се развивале, често во изјаснувањето на револуционерите, не се прави разлика помеѓу нив, а заедничката сурова судбина ги создала причините за денешната поделба и омраза. Како што знаеле нашите стари да живеат во слога и мир, заеднички да се борат, носејќи ги во себе двата идентитети, така ќе научиме и ние. Ќе продолжиме заедно да живееме, заедно во големата Европа, со заеднички европски идентитет. Македонците со современ македонски и со современ бугарски идентитет, од секогаш сме имале една мисла, еден живот сме живееле, а тоа е македонска држава. Да ги направиме тие мисли реалност, обединета Европа е решение за нашите маки, само и само ако и Македонија е дел од таа Европа. Нашите дедовци заедно крвареле по балканските фронтови, заедно ја креваат револуцијата, заедно ја создаваат Организацијата. Срам голем ќе е ако ние, нивните внуци, во време современо, не умееме заеднички да живееме, да јадеме и пиеме. Замислете да треба заеднички повторно да се бориме?!? Мора да има помирување помеѓу македонистите и оние кои ги осудуваат. Бугарскиот карактер на македонската револуција е реалност, исто толку колку што е реалност, македонскиот карактер на бугарската преродба. Не сме јаничари, ниту ние, ниту Вие. Да го тргнеме тој терет од нашите рамена. Премногу тежи. Генерации и генерации оптеретува. Прави немили настани, поделби и злосторства. Без „јаничарскиот“ комплекс, сите заедно ќе живееме многу поспокојно и ќе бидеме посилни. Иднината е во заедништвото, минатото не можеме да го промениме. Тоа е такво, сурово. Ќе продолжиме да постоиме и нормално да функционираме, ние со македонски, а Вие со бугарски идентитет. На крај на краевите, така сакал Господ за нас Македонците.

Не смееме да дозволиме на крајот, Гоце Делчев да биде поголем проблем за влезот на Македонија во ЕУ, од францускиот претседател Емануел Макрон. Не, не и не! Минатото треба да биде порта кон иднината, а не да ја блокира таа иднина. На крајот од денот, ќе нема вечера за нашите деца, не за „француските“…

 

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)