КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Која вистина?

1046

 

Проблемот кој постои помеѓу Македонците и Бугарите, е проблемот со вистината. Која вистина е точна, македонската или бугарската? Дали може да постојат две вистини? Во политиката и историографијата, да. Но за време создавање на таа вистина, секако дека вистината е само една. Како да дојдеме до таа вистина? Преку комисија за согледување на вистината? Тешко. А зошто е проблем вистината? Па затоа што боли! Затоа што врз база на оспорена вистина, се појавува „јаничарскиот комплекс“. Кога Бугаринот, особено оној со потекло од Македонија, е соочен со „македонската вистина“, тоа е непријатно за него и прави да се чувствува предавник на македонштината, се чувствува јаничар. И обратно, кога Македонецот е соочен со „бугарската вистина“, прави да се чувствува предавник на бугарштината, се чувствува јаничар. Тие соочувања со „вистината“, обично се многу срдечни, но секогаш исполнети со двојно чувство. Се соочиле двајца Македонци, едниот со македонски, другиот со бугарски идентитет, кои на рамената носат иста судбина, исти трагедии од минатото, но во исто време е непријатно, зашто еден е „јаничар“. Седат заедно, знаат дека се едно исто, имаат чувство за заедништво, а сепак далечни. Размислувајќи за ова, секогаш го имам истиот заклучок, ниту еден од двајцата не е јаничар. Единствено судбината со сите нас била пресурова.

Македонија и Бугарија имаат заедничко минато. Во ред! Но за мене, многу позначајно е да имаме заедничка иднина. Европска иднина. Тоа значи да престанеме со „јаничарење“ и да се соочиме со вистината. Да повторам, вистината боли! Тоа значи да се соочиме со постоењето на македонизмот. По сите основи. Ние мораме да прифатиме дека тој постои. Бугарите мора да прифатат дека тој не постои од 1934 година, промовиран од Коминтерната во еден ден, со една Резолуција. И мора да прифатат дека токму бугарски дејци, се промотори на македонизмот, кој толку многу е омразен и генерира чувство на јаничарство.

Дека изворот на македонизмот е во самата Бугарија. Бугарите мора да разберат дека тоа е природен процес на создавање на една нација, еден идентитет. Ние мораме да прифатиме дека бил закаснат и последен на Балканот, но е ист како бугаризмот, грцизмот, србизмот или американизмот. За почеток тоа е предоволно.

Продолжуваме ослободени од емоции. Темелот на македонизмот е „античкото наследство“. Грците го користеле за асимилирање, грцизирање на населението во Македонија. Бугарите, во обид да спречат грцизација, кратковиди, констатирале дека Александар Македонски бил Бугарин. Фактите говорат дека балканските народи, пред преродбата од 18ти и 19ти век, не знаеле ниту кој се, ниту што се, само си присвојувале митови и сказни. Преродбеникот Спиридон Габровски, пишува дека античките Македонци се Бугари. „Таткото“ на македонизмот во Бугарија, Петко Р. Славејков, во 1871 година во весникот Македонија, ги критикува македонистите и прв констатира дека идејата постои од 1860 година. Дека бугарската интелегенција во Македонија, промовира засебно македонско наречје, посебно од бугарскиот книжовен јазик, како Димитар Македонски, Мачуковски и Кузман Шапкарев. Бунилото одело до таму, што Димитар Македонски тврдел дека Македонците се чисти Бугари и древни Македонци, кои биле славјани. Точно е дека термините „Македонија и Македонци“, ги воскреснаа Грците, да спречат ширење на Егзархијата, а да останеме под духовно ропство на Патријаршијата. Токму тие Грци, денес направија се со цел да ни ги одземаат истите тие „Македонија и Македонци“. Премиерот Ципрас, во грчкиот парламент, истакна дека успеал да врати нешто, што пред векови било дадено од друга генерација Грци, на нас славјаните. Тој токму на ова мислел. Нивниот “месен патриотизам”, се покажа погубен за самите нив. Тоа е најдобра лекција, дека обидот за асимилација на други народи е проклетство. Тука лежи решението за „правата“ на Македонците од Грција, во кои останал словенскиот идентитет. Грција со Преспанскиот договор се самоуби, ја порази својата вековна борба да не убеди во „античката приказна“, да не грцизира, а Македонците во Грција да ги направи горди на своето потекло.

Ако Грција избереше друг пат, да ја подржи антиквизацијата на Македонија и Македонците, спроведена последниве децении, сериозна беше можноста да се идентификуваме со Македонците од Грција, кои имаат античка самосвест, а со тоа и самите ние да постанеме Грци. Да го исполниме сонот на Каравангелис и на Патријаршијата. Сега победи каузата на ВМРО, македонската кауза. Господине Ципрас, Ви благодарам за стореното! Каравангелис е предаден од неговите, од Атина. Ние останавме свои на своето, посветени на каузата. На македонското национално единство. Тоа е сега наредба од каузата, која треба да ја исполниме! 

Ова е многу пред Коминтерната, почитувани мои пријатели од Бугарија. А ако веќе зборуваме за „комунистичкиот период“, тогаш мора да се согласите дека Бугарската комунистичка партија, многу повеќе од Албанската и Грчката, застанува во редот на промоторите на македонизмот. Југословенската комунистичка партија, не создала македонизам, односно идеја за македонска нација, јазик и култура, туку ги затекнала за постоечки. Само ги ставила во служба на својата државна идеологија „братство и единство“ на сите јужни словени. Вие ќе ми кажете, а јазикот, а писмото на Блаже Конески? Почитувани, во НРМ не се кодифицира сосема нов словенски јазик, туку се србизира автентичното македонско народно наречје, по неуспехот на кралска Србија, да ни го наметне српскиот јазик за свој, на нас Македонците. Денес постои современ македонски јазик, современа македонска азбука, таква каква што е функционира, изменета е старата кирилица, се служиме со неа. Вистина е дека тоа, денес не е спорно за Бугарија. Јазиците и писмата постојат да се разбереме, да комуницираме помеѓу себе, а лесно се разбираме и на „двете писма“ и лесно ги читаме. И двете писма се кирилични, скоро идентични.

Најголем плод на македонизмот е македонскиот јазик. Човекот пред своето време, најпознатиот македонист Георги (Ѓорѓија) Пулевски, а не Блаже Коневски, ја напишал првата македонска историја и првата граматика на македонскиот јазик. Тој човек, кој разликувал македонско и бугарско наречје, во неговото дело “Јазичница”, македонското наречје го смета за бугарски дијалект. Во исто време, во “Самовила Македонска”, пишува за разделувањето на Македонците од Бугарите. Ама сето ова, многу пред Коминтерната, да се разбериме. Вековна временска разлика.

Кај духовното ропство, раната е поголема. Теодосиј Гологанов, Егзархиски митрополит Скопски, нашиот борец за духовна слобода, против Патријаршијата, често во судир и со Егзархијата, член на она што денес се нарекува Бугарската академија на науките, е промотор на идејата за обновување на Охридската Архиепископија. Истиот човек тврдел дека, основоположникот на бугарската преродба, Пасиј Хилендарски е родум од Банско, Македонија, а се гордеел зашто во манастирот со кој тој управувал, го спасува апостолот на бугарската револуција, Васил Левски. Неговата идеја за Охридска Архиепископија, први ја поддржуваат припадниците на Друштвото на Србо – Македонците, дедовци на истите оние Срби, кои денес прават се, само да спречат возобновување на истата таа Охридска Архиепископија. За да биде иронијата поголема, токму тој побарал признавање на обновена Охридска Архиепископија од Цариградската Патријаршија, истото она што денес го прави МПЦ – ОА.

Продолжува…

Петар Богојески с.р.